Знам дека еден ден овој кошмар ќе заврши. И знам дека тој ден не е далеку. Не знам како ќе заврши и, да бидам искрена, тоа воопшто и не ме интересира. Дали екстра шутот во пакет аранжман на оваа шутрачка власт ќе се реализира преку формирање широка, техничка, концентрациона или експертска влада која ќе треба да организира нови избори, дали работата ќе се дотурка дотаму „стапот да заигра“, односно улиците пак да се наполнат со гнев, дали повторно ќе имаме странски медијатори, олеснувачи, набљудувачи, посредувачи или не знам што, едноставно – еден ден сето ова ќе заврши. Ќе осамне ден без нив.
И сите ние, а нé има многу и ќе нé има сé повеќе, кои сите изминати месеци и години укажувавме, пишувавме и се бунтувавме против овој шугав режим, ќе мора да се запрашаме – што понатаму? Затоа што секоја непогода, трагедија, катастрофа или катаклизма, секогаш завршува со The Day After. Првиот чекор е соочување со последиците, вториот е детоксикација на општеството и третиот чекор е изградба на нови основи на функционирање на системот. Го можеме ли тоа? Има ли Македонија капацитет не само да го урне стариот, нефункционален и аномаличен систем, туку да изгради нов, ефикасен, демократски и функционален „сустав“?
За првиот чекор нема посебно да пишувам, бидејќи знаеме која колера зад себе ќе остави груевизмот – партизираност, нефункционалност, условеност, некомпетентност, поткупеност, примитивизам, поделеност, пизма, налудничавост и пред сé – страв.
Вториот чекор, кој го нареков „детоксикација“, а всушност подразбира расклопување (демонтажа) на главните столбови на кои се потпира сегашниот режим, ќе биде многу потежок. И би рекла, судбоносен за иднината на Македонија. Зашто, не е тешко да се урне дивоградба (тоа го видовме во случајот со „Космос“ на Фијат Цаноски), туку многу потешко е да се расчисти шутот зад неа, а најтешко е да се ископаат (откорнат) нејзините темели. Значи, за темелите зборуваме. Темелите на груевизмот.
И тука, според мене, суштинското прашање со кое ќе се соочиме е – сака ли Македонецот демократија? Знам дека со оваа дилема ја отворам Пандорината кутија за она што се нарекува колективна свест, национални вредности, освоени слободи и слично. Ама, ако земеме предвид дека во најопшта смисла, терминот демократија означува облик на владеење каде сите државни одлуки се спроведуваат директно или индиректно од страна на мнозинството на граѓаните преку праведен изборен процес, тогаш треба да бидеме свесни дека еден огромен број наши граѓани свесно влегува во изборни нерегуларности. Свесно ја подредува својата изборна волја на клиентелистичката (должничко-доверителна) поврзаност со власта и се обврзува да врбува (наговара, условува) по 10 нови гласачи, било од неговото семејство, било од редот на пријателите. Тоа е т.н. „мрежа“ на ВМРО-ДПМНЕ која суштински го девалвира и компромитира комплетниот изборен процес, а со тоа и основните постулати на парламентарната демократија. Апсурдот на сите апсурди е што дури и народните избраници во Парламентот потпишуваат меници на огромни суми, со кои на партијата која ги поставила, ѝ ја гарантираат својата лојалност.
И, повторно доаѓаме до прашањето – сака ли Македонецот демократија? Дали човекот кој своето право на определување и својата слобода на избор свесно ја потчинува на сопствените лични интереси (вработување, напредување, личен профит), наспроти евидентните тоталитаристички тенденции во општеството диригирани од власта, може преку ноќ да стане нов човек? Кој ќе се залага за владеење на правото, почитување на различноста, правото на поинакво мислење, компетенцијата, заедничките интереси и вредности, независноста на институциите, градењето доверба во државата итн. Прашањето може и да се преформулира – дали во изминативе 25 години плурализам, некој, на истиот тој Македонец, му понудил демократија, правна држава, заеднички интереси, функционални институции, или пак, политичката понуда секогаш завршувала на популистички поткуп – подобар живот, повисок стандард, поголеми пензии, подобри плати и нови вработувања?
Или, дали некоја политичка сила во Македонија може да очекува поволен изборен резултат со ветувањето за „крв, пот и солзи“, односно со изградба на ново општество?
Свесно го употребувам терминот „ново општество“, бидејќи, според мене, после цели 25 години независност, соочени сме со почеток од нула. Ако сме малку искрени кон себе и кон сопственото окружување, ќе мора да си признаеме дека сегашниот скандал со масовното прислушување од кој се гледа флагрантна злоупотреба на власта во пресметката со политичките противници, не се случил сам од себе како случајна девијација во еден функционален систем. Напротив, мислам дека сето тоа е само логично продолжение на еден базично погрешно поставен вредносен систем според кој, победата на изборите се прифаќа и доживува како воена победа, по која победникот е освојувач. Освојувач на државата и на сите (буквално сите) нејзини институции. Што подразбира јуриш на партиските кадри во администрацијата, создавање сопствена ѓоа-идеологија, фетишизирање на партијата на власт и на нејзините симболи (демек, ВМРО го детерминирал македонскиот идентитет, што е вселенска глупост), ништење на опозицијата, силување на судството, контрола врз медиумите, демонизирање на јавно изречената критика, пропагандна глорификација на сопствената безгрешност, глуматарење дека се создава нешто ново… А зад сето тоа се крие психопатско задоволување на суетата на лидерот (во напад на вознес, еден новинарски комесар дури го нарече и пастир на нацијата) и неговото потесно окружување. Се разбира, целата приказна е проследена со масовен грабеж.
Ова што се случува околу нас и кое го нарекувам „груевизам“ како парадигма за наполеоновска нааканост, злоба и перверзија во рамките на една класична балканска бизарност, го сметам за мутирана култура изникната на загадено тло. Груевски не изникна од никаде, не падна од Марс, тој е создаден од нас, од нашата ентузијастичка потреба за нешто ново, за нешто подобро, за нешто поразлично. Него го роди македонската матрица на сиромашни и опскурни вредности, базирана на поданичката потреба за „татко на нацијата“. Зашто, вакво зло може да создаде и да одржи само болно општество.
Не мислам дека алтернатива на партизираното општество е помалку партизирано општество, затоа што груевизмот е само надградба на претходно втемелената партизација. Не верувам дека доволно е само да се смени оваа тоталитарна и недемократска власт, па потоа сé ќе биде поинаку – полтроните ќе се отполтронизираат, исплашените ќе се охрабрат, некомпетентните ќе се остручат, подмитените ќе се растоварат, хипнотизираните ќе се разбудат, поданиците ќе го исправат ’рбетот. Ништо од ова нема да се случи само од себе и само по себе.
Искра надеж ми влеваат случувањата во последниве неколку месеци, поттикнати и придвижени од Студентскиот пленум. Видов нешто што претходно не бев видела во мојата татковина – пркос, непослушност, храброст, солидарност, самосвест и силна потреба за слобода. Жестоко би сакала тоа да биде темелот на новите вредности преку кои Македонецот ќе ја освои, засака и чува демократијата.
Затоа што на крајот, кога целиот овој кошмар ќе заврши, изборот со кој сите ќе се соочиме, ќе биде сведен на две опции: или ќе го шминкаме мртовецот за да изгледа поубаво, или радикално ќе ги менуваме работите. Наше е да одлучиме дали и понатаму ќе се делиме на „патриоти“ и „предавници“, или конечно ќе се обединиме околу новите вредности кои ги заслужуваме како слободни луѓе.
Овој текст ќе го завршам со еднa од најсилните револуционерни песни – „El pueblo unido, jamás será vencido“, односно „Обединетиот народ, никој не може да го победи“.
Гордана Попсимонова, универзитетски професор