Ако дури по војната во Украина стана кристално јасно зошто по секоја цена моравме да влеземе во НАТО, и брзањето околу Фронтекс сигурно навестува некоја нова потенцијална криза – дали тоа ќе биде некој масовен мигрантски бран каков што не сме виделе досега или, пак, Фронтекс ќе стане новиот УНПРЕДЕП што ќе ги чува милионските бегалски кампови, како што тоа се правеше во Стенковец, пишува неделникот „Фокус“.
Пишува: Дејан АЗЕСКИ
По половина век постоење, ЕУ сѐ уште нема потребен консензус за формирање класични ЕУ вооружени сили, или просто кажано армија на Европската Унија. Фронтекс е еден од првите срамежливи обиди каде што некој или некои (засега 2.000 полицајци од Варшава) земаат оружје в рака, во име на Европската Унија.
Е тука „ни криви, ни должни“ упаѓаме ние – држава која не е дел од ЕУ и која нема ниту доволно знаење меѓу раководството за воопшто да размислува дали на ЕУ ѝ требаат или не ѝ требаат вооружени граничари. Но, без разлика на тоа, некој за нас одлучил дека мора да поддржиме и ние тоа има да го направиме по секоја можна цена.
Сите се сеќаваме на последните години од мандатот на Ѓорге Иванов, кога претседателот повеќе време поминуваше на јужната граница отколку во вилата Водно. Без разлика на лошите пиар-моменти, тогаш (2016-2019) нашата држава навистина стана прва граница на одбрана од милионите бегалци, кои буквално беа тргнати да ја прегазат или барем да ја преплават Европа.
Нормално, никого не изненади што нашите безбедносни сили тешко се справуваа со предизвикот и тогаш бараа помош од европските колеги, кои се обезбедуваа на триста покомплицирани начини. Сега, со Фронтекс (барем теоретски) сето тоа би одело многу полесно, што значи и многу поевтино и побезбедно за нашата држава.
Според сегашната динамика на бегалци и економски емигранти, ние немаме итна потребна од некоја посебна помош. Освен ако ЕУ и нејзините носечки земји-членки немаат некакви информации дека на Блискиот Исток и Северна Африка повторно се спрема некакво црно сценарио.
Тоа не треба да нѐ изненади, бидејќи дури сега јасно гледаме зошто биле толкави притисоците и силите што се вложија за ние до 2020 година да станеме членка на НАТО. Ова сега со Фронтекс, благо кажано, изгледа како некое дежа ву сценарио, во кое дефинитивно нѐ подготвуваат за некој многу поголем бран на бегалци, што само по себе значи и некоја многу поголема безбедносна дестабилизација, веројатно во арапскиот свет.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.