Дали бебето сомнително на туберколоза требало да се интубира на Интензивна, каде се лекуваат најтешките деца?

by Fokus

Деветмесечното бебе сомнително на туберколоза, кое пред неколку денови беше примено на скопската Клиника за детски болести е се уште во многу тешка здравствена состојба.

Според нашите информации,  првиот ден кога било хоспитализирано цели 12 часа било на Интензивна нега, откако претходно било донесено од Институтот за белодробни заболувања Козле.

Се уште не е потврдено дали бебето има туберколоза, на која претходно носител била мајката, која исто така лани се лекувала во Козле.  Дополителен проблем за самото бебе преставува и тоа што тоа е неухрането и има само три килограми, со што не се знае и во какви услови живеело.

Туберколозата е една од најзаразните болести, па  ако не се лекува годишно секој заболен со активна форма, може да зарази 10 до 15 лица.

Оттука се поставуваат прашањата, дали се почитувале протоколите околу лекувањето на бебето, сомнително на туберколоза, со оглед на тоа што станува збор за заразна болест, па би можело да пренесе на другите деца кои се лекуваат на интензивна?

На интензивната нега на Детската клиника лежат децата со најтешка форма на болест, па нашите извори тврдат дека бебето не смеело да се интубира на тој Оддел, бидејќи на тој начин го става во ризик животот на другите деца, кои можат да подлежат на оваа тешка зараза.

Според нашите ннформации, имало посебен дел кој се водел како Ургентен центар, но бил затворен и пренаменет во хематолошка амбуланта. Тој бил направен со донации од САД, ТИКА и Холандската амбасада. Таму можеле да се сместат барем шест деца, кои се заразени дали од туберколоза, дали од морбили или пак од ковид и на тој начин да се спречи ширењето на заразата на другите деца на клиниката.

ФУШТИЌ: ДЕТСКА КЛИНИКА НЕМА УРГЕНТЕН ЦЕНТАР

„Фокус“ за ова ја контактираше и актуелната директорка на Клиниката за детски болести, доктор Стојка Фуштиќ, која истакна дека на клиниката нема бебе со туберколоза, туку само сомневање дека во основа дека на неговите респираторни проблеми можеби е туберколоза.

„Добиен е само анамнестички податок дека мајката се лекувала од туберколоза. Првично, детето е префрлено на Детската клиника од болницата во Козле под сомневање за дијафрагмална хернија (по направениот наод на белите дробови).

 

Прва и основна задача на дежурниот лекар била да му го спаси животот и затоа  е поставено на механичка вентилација.  Персоналот во ЕИТ работи по строго утврдени протоколи за заштита и на себе и на околината од било каква инфекција“, тврди докторката Фуштиќ во изјава за „Фокус“.

Таа додава дека на Одделот можат да дојдат витално засегнати деца со каква било инфекција и тие протоколи мора да се почитуваат,

„Во однос на можна туберколоза кај 9-месечното бебе трба да знаете, а тоа може да ви го потврди секој стручњак за туберколоза дека бебињата не можат да пренесуваат инфекција на други и секогаш се BK негативни. Инфекцијата ја пренесуваат возрасни со отворена туберколоза.  Докажувањето на евентуална туберколоза кај бебето ќе се врши со крвни анализи“, истакна директорката.

Според неа, Клиниката за детски болести никогаш немала и не бил регистриран Ургентен центар.

„Во однос на стационарниот дел на Одделот за ургентна педијатрија и специјалистичко-консултативна дејност и токсикологија, тој дел имал повеќе намени во зависност од потребите на клиниката.

 

Тука била сместена ЕИТ додека Одделот за интензивна нега и терапија се реновираше. 2018 и 2019 година во тој простор беше клиничката лабораторија. Со ковид пандемијата, по препорака на ДСЗИ се трансформира во филтер зона за ковид пациенти (кои поради кои било причини не можеа да се лекуваат во Козле).

 

Со завршување на ковид кризата, четири месеци беше затворен за употреба. Во договор со стручниот колегиум договоривме да го користиме како дневна болница за примање терапија на хронични пациенти, кои престојуваат само неколку часа на клиника и си одат. Со тоа ослободуваме повеќе ходпитални места за прием на болни деца. Ако се промени епидемиолошката ситуација, ќе се прилагодиме на новите потреби“, изави за „Фокус“, доктор Фуштиќ.

Деватмесечното бебе на скопската Клиника за детски болести било хоспитализирано во петок вечерта во тешка состојба.

Ирена Мулачка

 

 

 

 

Поврзани новости