Алтернатива треба да го преиспита учеството во владата доколку нема пробив на евроинтеграциски план, и уште поважно – ако не се реализира нашата заложба за ревизија на судски монтирани случаи, вели за Фокус пратеникот од најновиот владин партнер – Скендер Реџепи-Зејд.
-Јас не планирам ниту да условувам ниту да уценувам, туку едноставно сметам дека во партијата треба да се покрене расправа дали нашето учество во власта има смисла без исполнување на овие две цели – вели тој.
Иако главен приоритет за раководството на партијата е надминување на спорот со Бугарија и почеток на преговори со ЕУ, сепак, Реџепи нагласува дека за него лично побитна е ревизијата на судските случаи.
-Јас за овие монтирани случаи постојано говорев во јавноста и не можам да отстапам од тоа. Мојот став не е поврзан само за спорни случаи во кои обвинети или осудени се Албанци, туку и за предметите за Македонци, како што е Љубе Бошкоски – објаснува пратеникот на Алтернатива.
Од неговата партија, пак, официјално велат дека Алтернатива се придржува до принципите поради кои одлучи да се приклучи на владејачкото мнозинство. Следствено на тоа, истакнуваат од таму, одржувањето на евроинтегративниот курс и добрососедството е една од основните и најважни точки.
„Не зависи од нас решавањето на спорот со Бугарија, ниту одлуката за отворање преговори со ЕУ, иако нашето вклучување во владата секако го помогна на овој процес. Имаме големи надежи дека ние сме ги исполниле условите за отварање на поглавјето за интеграција со ЕУ и сме многу оптимисти дека тоа ќе се случи до крајот на јануари“, ни изјавија од партијата предводена од Африм Гаши.
Доколку, хипотетички тоа не се случи, како што додаваат, не само Алтернатива, туку сите политички субјекти и фактори во државата треба да го постави прашањето како понатаму? Во тој контекст, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски денеска порача дека Алтернатива треба да излезе од Владата доколку земјава не добие одлука за почеток на преговори со ЕУ.
-Клучната работа којашто нив ги обединува во таа нова влада е почетокот на преговорите, па ако не се случат, тогаш не ја гледам причината. Ценам дека тие треба да излезат и да ги надминат своите суети и фрустрации и да кажат – повикуваме на обединување на опозиција – рече Мицкоски на МРТВ.
Инаку, новата бугарска влада на чело со премиерот Кирил Петков очигледно го омекнува ставот кон Македонија, меѓутоа, според заклучоците усвоени денеска од Советот за општи работи на ЕУ, се уште не се предвидува деблокада на пристапниот процес за земјава.
„Советот со нетрпение очекува одржување на првите меѓувладини конференции со Република Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро откако ќе се одобрат преговарачките рамки од Советот“, се наведува во заклучоците.
В.С.