Дали Албанците од Кичево ќе го казнат ДУИ?

by fokus

Дали Албанците од Кичево ќе ја казнат Демократската унија за интеграции, партија која е на власт во општината од 2013 година, откако кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски освои повеќе гласови во првиот круг на локалните избори од Фатмир Дехари од ДУИ кој бара трет мандат од граѓаните.

Разликата меѓу Јовановски и Дехари е само 256 гласа и математички гласовите на независниот кандидат Фатмир Лимани кој му е внук на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, а освои 4.527 гласа може да бидат одлучувачки за победата на ВМРО-ДПМНЕ, со оглед на тоа што оние што гласале за Лимани се незадоволни од ДУИ.

Алијанса за Албанците немаше свој кандидат на овие локални избори и од таму велат дека нивните гласачи го поддржале Лимани. Деновиве се појави изјава во албански медиум од генералниот секретар на Алијанса, Арбен Таравари во која вели Алијанса ќе го поддржи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Кичево и дека секој кандидат кој не е кандидиран од ДУИ треба да биде поддржан од албанската опозиција.

Сепак од партијата велат дека изјавата била извадена од контекст, а Таравари не одговори дали изјавата била точно пренесена. Истиот ден, односно вчера, од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека добиле информација од Алијансатa за Албанците дека во вториот круг нивните членови ќе го поддржат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, со што ќе го испочитува прелиминарниот договор за поддршка на кандидатите од двете партии во повеќе општини од западниот дел на земјава.

Но, во овој случај кога Алијанса за Албанците нема свој кандидат во Кичево побитно е кого ќе поддржат гласачите на Лимани. Тој денеска на својот Фејсбук профил објави дека се подготвени за голема промена, а поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ наголемо го пренесуваат неговиот статус како негова поддршка за вмровскиот кандидат. Лимани не ни одговори дали ќе има повик до неговите гласачи за кого да го дадат гласот во вториот круг.

-Се изјаснија
▪︎ Дијаспората не е фактор на локалните избори бидејќи имаме партнерство со браќата од СДСМ! Се со цел да се игнорира реалноста на мојата независна кандидатура, од нивна страна беше искажано следното: “Ние водиме и сме на изборна кампања со ВМРО” ! Сега бараат помош од дијаспората и повторно ја игнорираат воспоставената реалност на силата од 4.500 поддржувачи на Движењето за независност. • По завршувањето на Вториот круг, ќе се направат подготовки за предвремени парламентарни избори. * Тука сме и подготвени за големата промена.# за независна иднина!, напиша Лимани.

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ се надева на гласови од Албанците и повикува на заедништво истакнувајќи го неговиот мешовит брак со Албанка од Кичево.

Математички тој може да победи ако ги добие гласовите на Лимани, но треба да се има предвид дека за него гласале Албанци кои се незадоволни од ДУИ и прашање е дали граѓаните од албанска етничка припадност се подготвени да гласаат за Македонец, со оглед на тоа дека ДУИ таму води кампања дека може да го „изгубат“ градот.

Дехари од ДУИ е на чело на општината од 2013 година, тогаш СДСМ и ВМРО-ДППМНЕ излегоа со заеднички кандидат Македонец и водеа кампања со слоганот „Кичевчани за Кичево“.Сепак тогаш Дехари доби мнозинство гласови како резултат на прекројувањето на општините со што, припојувањето кон Општина Кичево тогаш доби мнозинство на етнички албанско население. На 31 октомври ќе се знае дали националистичкиот повик на ДУИ (за да не го “изгубат” Кичево ) ќе проработи кај Албанците или пак ќе го казнат ДУИ. Ако се земе предвид дека виси градоначалничкото место на ДУИ и во Тетово, во вториот круг има можност ДУИ да ги изгуби досегашните бастиони Кичево и Тетово.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости