На последниот Конгрес одржан кон крајот на 2019 година, ДУИ го реизбра Али Ахмети за партиски лидер и воедно избра Генерален совет.
Но, албанската владејачка партија до денес нема избрано Централно претседателство, потпретседатели и генерален секретар, кои се предвидени со партискиот Статут.
Според извори од ДУИ, партијата така ќе функционира до следниот Конгрес што треба да се одржи следната 2023 година, што го поставува прашањето како одлучува партискиот лидер Ахмети?
На кој начин се водат дискусии во недостиг на Централно претседателство или потесно раководство?
Упатените велат дека првично Ахмети сакал да испроба ваков начин на поставеност и организираност, што потоа се се покажало како ефикасен модел.
Според нив, Генералниот совет се состанува кога има потреба, но во меѓувреме Ахмети врши редовни консултации со блиски соработници, без разлика дали тоа се прави на директни тет-а-тет средби или во некаков поширок формат.
Исто така, додаваат нашите соговорници, Ахмети се потпира и на дискусиите на таканаречениот Совет на мудреци.
Во ова тело, како што дознаваме, членуваат поранешниот градоначалник на Липково и министер за екологија Садула Дураки, универзитетскиот професор и поранешен министер за правда Аднан Јашари, познатиот швајцарски кардихирург со македонско потекло Омер Џемаили и други искусни кадри и професионалци.
Инаку, секогаш кога се екипирале партиските органи, исто како кога се делегирале јавните функции предвидени за кадри на ДУИ, имало борба на разлини крила и кланови, меѓу кои било неопходно да се балансира.
Оттука, на овој начин, без избор на претседателство и потпретседатели, Ахмети практично се ослободува од ризикот да се јави незадоволство кај оние што нема да влезат во клучното тело или нема да добијат врвна функција.
Иако се обидовме да добиеме официјален став од партијата во однос на ваквата структуираност, со избран лидер но без потпретседатели и потесно раководство, сепак, досега не добивме одговор…
В.С.