Дајана Чобанова од Бугарија е млада поетеса која чувствува неизмерна љубов кон Македонија, особено кон градот Крушево. Токму од овој град и пред се, нашата поп-икона Тоше Проески, се појавила љубовта за нашата земја и нејзината желба да пишува на македонски јазик. Во разговор за „Фокус“, оваа девојка ја раскажа својата приказна.
„Тоше Проески е искрата за да ја засакам Македонија. Кога говориме за пишувањето на македонски, некогаш едноставно ми е полесно да се искажам на македонски одколку што на бугарски. Некој ќе рече дека двата јазика не се до толку различни, но не е точно“, го започна разговорот Чобанова.
Силни спомени ја врзуваат за Крушево, град за кој дознала пред речиси 15 години и оттогаш се труди се почесто да го посетува.
„Кога ќе слушнев Крушево првата асоцијација ми била Илинден или нешто слично. Денеска со сосема други работи го поврзувам градот. Првпат кога патував од Скопје за Крушево со некое комбе, на слушалки ја слушав „Сонце во твоите руси коси” и баш на влезот од градов се погоди оној дел од песната кај што се пее „Злато мое, одамна чекам да пристигнеш ти“. Не мислам дека ова е случајно“, додава таа.
Секој автор на свој начин си ја бара својата инспирација, доколку истата не го најде него. Кај Чобанова, тагата е движечка сила.
„Тагата секогаш ми била најголемата инспирација, јас не знам да пишувам за среќни работи. Да знаев веројатно ќе пишував детски книги. Ова до некаде е и некој вид на контрадикција бидејќи во глобала сум весела личност. Но честопати така оди во животот – најсреќните луѓе ги имаат најтажните приказни за раскажување“, смета нашата соговорничка.
Таа вели дека крвта и е бугарска, а душата македонска, што е невообичаено со оглед на последните случувања на релација Македонија – Бугарија.
„Татко ми потекнува од многу стара влашка фамилија, една од најголемите во Бугарија. Така да знам дека немам ништо поврзано со Македонија барем од оваа гледна точка. Нема Македонец којшто ме сретнал и да не ми кажал „Ти во претходниот живот сто отсто Македонка си била!”. Се чувствувам како Бугарија да ми е родина, а Македонија – татковина, како што велите вие.
Немам во Македонија ни куќа, ни роднини, но имам многу другари таму и некои од нив ми се до толку блиски што ги третирам како дел од моето семејство. Посебно две личности со кои ме сретна животот, тоа ми се најдобрите другарки – Азра и Емилија, едната е од Охрид, другата од Битола. Македонија за мене е веројатно она што била Дениција за Петре М. Андреевски“, порача Чобанова.
Нашата соговорничка знае и добар дел од нашата литература, особено класиците, кои на некој начин се колевка на македонската книжевност.
„Имам читано веројатно од скоро сите македонски писатели како Петре М. Андреевски, Блаже Конески, Анте Поповски, Ацо Шопов, Кочо Рацин, Гане Тодоровски, браќа Миладинови, да не заборавам Вапцаров. Повеќето од нив се сметани за современи автори бидејќи 50-тите години и не били до толку одамна. Се обидувам да бидам во тек и со современите автори, како Ана Бунтеска, Игор Џамбазов, Јосип Коцев, Андријана Ѓорѓевска, Марко Виденовиќ.
Мојот најомилен современ автор и тоа не само од Македонија, а воопшто во глобала, тоа е Дарко Лешоски! Голем дел од луѓе и мислат дека неговите стихови се претерано вулгарни, но мислам дека работата на уметноста е да разбуди во човекот емоција дали на восхитување или на одвратност, во прашање е читателот да не остане рамнодушен. Никојпат немам останато рамнодушна после читање на Лешоски! Смеам да речам дури дека ми има многу влијаено на сопствениот стил на пишување. Тој исто како и јас, користи многу дијалекти во своите стихови, мислам дека вистинското богатство на еден јазик е баш тоа, неговите дијалекти“, го продолжи разговорот оваа поетеса.
А дали некогаш се соочила со проблем поради покажувањето на љубов кон Македонија, со оглед на тоа дека доаѓа од Бугарија?
„Сум се соочила, нормално. Многупати сум влегувала во дебати преку социјални мрежи па ме навредувале, ми велеле дека сум татарка и слично. Во живо никој пат сум немала некакви непријатни случки во Македонија со оглед на тоа дека доаѓам од Бугарија, туку спротивното. Ја имам прошетано скоро сета Македонија и секаде сум била причекана со големо гостопримство и почитување. Луѓето секогаш ми се радувале и правеле да се чувствувам комотно во нивно друштво. Еден другар пред години ми кажа „Каква и да си, наша си! Не те даваме!”. А со што се соочувам овде во Бугарија поради љубовта што ја имам кон Македонија, е тоа е веќе сосема друга приказна. Честопати влегувам во конфликтни ситуации во обид да си го бранам ставот. Мислам дека политиката е веројатно најгнасното нешто на светот.
Во глобала се обидувам да не се замарам многу со политика, како што кажав. Релацијата Бугарија – Македонија е деликатна тема. Историјата е релативно нешто, да не заборавиме дека и таа се пишува од луѓе па секој ја врти речиси како му е згодно. Некои делови од Македонија некогаш можда и биле дел од Бугарија, но за време на турско ропство, кога Бугарија се ослободила, ги оставила тие делови. Тогаш се родила и ВМРО. Гоце Делчев можда и се родил како Бугарин, тоа и не е многу важно кога ќе помислиме, важно е она дека тој сам одлучил да умре како Македонец. Вапцаров кој што бил демек Бугарин кој го убил? Бугарите“, го заврши разговорот Чобанова.
Чобанова во април 2019 година ја објави својата прва стихозбирка „Молкот плети копнежи”, половина од неа е на македонски јазик. Во февруари 2020 година е дел од проектот #инстапоезија на Радио МОФ, а од 2021 година е во соработка со списание „Нова Асоцијална Поезија“, а учествува активно во сите литературни настани. Во март 2022 година е поканета како водителка на настанот „Детството на ноќта” кој што ќе се одржи во крајот од месец мај во софискиот клуб „Јалта“.
Јорданчо Цветаноски