Јубилејното 30-то издание на ,,Охрид Фест” најави голем број на музички имиња од регионот, а помеѓу нив е и легендарниот хрватски рокер Дадо Топиќ, кој ќе настапи на втори септември, на Интернационалната вечер на манифестацијата.
Топиќ веќе половина век е поврзан со Македонија преку неговата хитовска песна ,,Македонија” која ја отпеал на свои 24 години. Токму таа песна и ќе ја изведе на фестивалот, а не крие дека кога оди на турнеји низ светот, на кои во публика имал наши иселеници, тие веднаш му довикувале да ја отпее ,,Македонија”.
-Луѓето го препознаваат македонското, има многу Македонци во целиот свет, и сите тие првин ја бараат „Македонија“. Инаку, уште како мал ги засакав македонските песни, како дете ги слушав, ми се врежаа во меморијата, а резултат на тоа е песната „Македонија“ која е мега слушана на сите континенти.
Јас само го напишав текстот и музиката, а се`друго направија луѓето, тие не даваат да се заборави. Затоа и трае пет децении-вели Топиќ.
Тој во Охрид ќе го прослави и својот 74-ти роденден на четврти септември, а не исклучува и нешто ново на музичко поле, за што веќе разговарал со композиторот Григор Копров.
Додава дека е среќен што здравјето го служи добро, па не планирал да запре со настапи ширум светот, секаде каде публиката го барала.
Вики Клинчарова
ФОТО: Марина Пешиќ