Дади беше првиот актер кој запеа на „Глумците пеат” пред 31 година

by fokus

Најавата дека популарната манифестација ,,Глумците пеат” по долга пауза се враќа и ќе се одржи на 20-ти април во НОБ, ја израдува јавноста која се сеќава на овој забавен настан, кој во минатото беше еден од најпопуларните и најкоментираните.
Зад враќањето на манифестацијата стои Маја Бабиќ, ќерка на идејниот творец ,,Глумците пеат”, починатиот актер Марин Бабиќ, која денес објави сеќавања од првото издание на шоуто.

Честа прв да излезе и запеа на сцената му припаднала на актерот Владимир Дади Ангеловски, а потоа, се било историја.

-Се започна во далечната 1991, кога група ентузијасти на чело со Марин Бабиќ решија да и покажат на јавноста дека глумците меѓудругото и одлично пеат.
Беше одлучено ова шоу да се одржи во чест на Светскиот ден на театарот, 27-ми март, но сепак да се случи ден претходно, како најава на празникот на актерите.

Првата „Глумците пеат” се одржа во Универзална сала на 26-ти март 1992 година и настапија повеќе од 30 актери од повеќе театри од Македонија од речиси сите возрасти.

Задачата да настапи прв му беше доверена на Владимир Дади Ангеловски, кој ја изведе нумерата „Стариот Пјер”.

Според кажувањата, Дади имал огромна трема, како и сите останати колеги зад сцената. Не било лесно да бидеш прв на првата манифестација.
Кога излегол на сцена, видел дека Универзална Сала е преполна и само што почнал да пее, добил френетичен аплауз, кој продолжил и по настапот.

Аплаузите не престанувале за сите актери понатаму, а по завршувањето на последната точка, никој од публиката не сакал да ја напушти салата, па актерите одлучиле да повторат некоја од точките на бис.

Така било првата година, се понатаму е историја-објавено е на страницата на шоуто.

Вики Клинчарова

Поврзани новости