Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, по вчерашната средба во Атина со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас, изјави дека смета дека Србија направила грешка пред 20 години кога ја признала Македонија под уставното име. Според него, тоа не било коректно кон Грција.
Тој посочил и дека Скопје секогаш имало негативен став кон прашањето за Косово и Метохија.
„Тие ја признаа независноста на Косово и гласаа за прием на Косово во УНЕСКО“, изјавил Дачиќ.
Дачиќ и во јануари годинава, изјави дека Србија погрешила што ја признала Македонија под уставното име, затоа што подоцна Македонија го признала Косово. Српскиот министер нагласи дека неговата земја нема да презема никакви чекори кои би можеле да ја нарушат стабилноста во регионот и оти Србија „за разлика од некои други народи, нема територијални претензии кон делови на Грција“.