Дачиќ: Србија не извезува воена опрема ниту во Русија, ни во Украина

by Fokus

Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ изјави дека од почетокот на војната во Украина, од Србија не е извезено оружје на ниту една страна.

„Србија, а јас можам да тврдам бидејќи моето министерство дава дозвола за извоз, не извезува воена опрема во ниту една земја за која веруваме дека би била проблематична и спорна на кој било начин“, изјави Дачиќ, пренесува Н1.

Тој нагласи дека станува збор за легални институции кои можат да извезуваат оружје.

Претходно Москва побара од Белград официјален став за информацијата дека српско оружје и е доставено на Украина, што го соопшти портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова.

Во руските медиуми се појавија наводи дека Србија тајно и испорачала 3.500 ракети за ракетните системи Град на Украина, преку Турција и Словачка.

Дачиќ истакна дека денеска има огромен притисок врз Србија со цел да се заокружи еднострано прогласената независност на Косово.

„Сакам да го повторам нашиот јасен став дека секој обид за решавање на прашањето за нашата јужна покраина е можен само преку дијалогот меѓу Белград и Приштина“, рече Дачиќ.

Војната во Украина, оцени тој, го разоткри лицемерието на некои земји кога станува збор за зачувување на принципот на територијален интегритет.

Дачиќ рече дека членството во ЕУ е приоритет на Србија, но прашање е дали тоа е подвижна цел.

Поврзани новости