Одговорајќи на новинарско прашање за тоа кој бил инвовлиран во разузнавачките активности за кои беше обвинета Македонија, шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, рече дека сознанијата што му ги пренел на македонскиот колега, не се однесувале на владата.
-Јас му укажав на мојот колега на сознанијата на нашите безбедносни служби. Тие не се однесуваат на влада како влада, туку на безбедносниот сектор, секако во сето тоа со учество на странскиот фактор – рече Дачиќ на заедничката прес конференција со неговиот македонски колега Никола Димитров денеска во Ниш каде претходно остварија средба.
Република Србија, рече тој, сака да воспостави и понатаму да одржи пријателски односи со Република Македонија и не сака да биде вовлечена во некакви игри. Додаде дека Србија не ја променила одлуката по однос на името на Македонија.
– Сакам да пренесам до македонскиот народ дека од север, од Република Србија не му се заканува никаква опасност. Република Србија нема намера да оспорува ништо што е поврзано со Република Македонија, ниту држава, ниту нација, ниту друго – истакна Дачиќ.