Првиот потпретседател на Владата на Србија и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека Резолуцијата за геноцидот во Сребреница за која денеска треба да се разговара во ОН не придонесува за помирување и консензус и посочи дека она што се случи во Сребреница не може да се квалификува како геноцид бидејќи се знае што подразбира дефиницијата на тој термин.
Дачиќ за ТВ Пинк изјави дека во Сребреница се случило злосторство, но не и геноцид, бидејќи по дефиниција тој термин подразбира дека некој имал план да уништи нација, што не било случај.
„Вие имате злосторство кое, се разбира, е страшно, а ние самите како српски народ инсистираме сите одговорни за тоа да одговараат, бидејќи штетата е нанесена на српскиот народ во целина. Геноцидот е кривично дело што подразбира дека имал план да уништи нација“, изјави Дачиќ, пренесува Танјуг.
Министерот посочи и дека Резолуцијата за геноцидот во Сребреница не придонесува за помирување и дека прашањето за кое ќе се разговара во ОН треба да се тргне од дневниот ред.
„Ако донесовме општа резолуција против геноцидот, зошто сега да донесеме индивидуална резолуција и да ги прогласиме Србите, заедно со Хутите, за единствени геноцидни нации, покрај сите злосторници кои беа на оваа планета. Па чекајте, покрај Германците, Турците и другите ќе бидеме етикетирани како геноцидни“, рече Дачиќ.
Дачиќ, исто така, истакна дека она што се случи во Сребреница не може да се означи како геноцид бидејќи се случило на територијата на само една општина во Босна и Херцеговина.
„Но, ако имаме нешто што се случило на територијата на само една општина во Босна и Херцеговина, ајде, како можете нешто да прогласите за геноцид? Како, кога имаш ситуација да го нема на цела територија. Дури и во пресудата стои дека тоа е само до таа општина“, посочи тој.
Дачиќ додаде дека има потреба од единство меѓу српскиот народ, бидејќи времињата не се лесни.