Осум тела се извлечени од под урнатините во несреќата на Железничката станица во Нови Сад, изјави српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.
„Од урнатините се извлечени осум тела, две лица се во болница, но состојбата на едно лице е многу сериозна и му е ампутирана ногата. Во контакт сме со две лица од под урнатините. Во моментов работиме на нивно извлекување. Ќе видиме што уште ќе се најде под урнатините“, рече Дачиќ.
Меѓу лицата со кои комуницираат спасувачите, а кои се уште не се извлечени, има жена и девојче на околу 14 години, рече тој.
Дачиќ изјави дека спасувачите биле на местото на несреќата неколку минути по повикот.
„Во спасувањето учествуваат близу 80 спасувачи од повеќе градови. Акцијата е исклучително тешка и ќе трае уште неколку часа“, рече тој.
На прашањето кој е одговорен за несреќата, тој рече дека сега треба да се стави акцент на спасување на луѓето од под урнатините.
„Ова е еден од најтешките денови во повоената историја на Нови Сад и страшна трагедија. Во име на Владата и на сите граѓани на Србија, сакам да изразам сочувство до семејствата на жртвите. И да им се заблагодарам на сите спасувачи кои се борат да им помогнат на луѓето под урнатините“, изјави српскиот премиер Милош Вучевиќ.
Тој додаде дека ќе инсистира да се најдат одговорните и оние кои морале да ги предупредат надлежните дека одредени работи мора да се поправат.
Потсетуваме, се урна влезниот дел од железничката станица во Нови Сад, Србија.
Несреќата се случила денеска нешто пред 12 часот. Неколку возила за брза помош се уште се на местото на настанот, а пристигнаа и багери и тешка механизација кои се обидуваат да го расчистат паднатиот дел од зградата.