Претседателот на Собранието на Србија Ивица Дачиќ, изјави денеска дека најдобриот тенисер на светот Новак Ѓоковиќ е подложен на „одвратно, политичко малтретирање и злоупотреба“ во Австралија, јави Бета.
– Тој не се покани самиот, му дадоа таканаречен исклучок. Знам за овие случаи на ослободување, бидејќи тоа моравме да го побараме и кога отидовме во Глазгов, на состанокот за климатските промени, што беше организиран од ОН бидејќи не можете да влезете во некои земји ако сте вакцинирани со руска вакцина како јас, изјави Дачиќ за ТВ Пинк.
Дачиќ тврди дека ситуацијата во Австралија е „политички нестабилна бидејќи сите бркаат рејтинг“ и дека сега таму се случува „злоупотреба за политички цели“.
Австралиската министерка за внатрешни работи Карен Ендрјус демантираше дека најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ „го држат како заробеник“ во земјата откако тој ја поминал ноќта во хотел за сместување имигранти во Мелбурн, додека неговите адвокати ја обжалиле одлуката до локалните власти за неговата депортација.
Бранителот на титулата на Австралија опен Ѓоковиќ беше приведен на аеродромот во Мелбурн во средата по пристигнувањето во земјата откако граничните власти ја оспорија валидноста на неговата виза. Тој доби специјална дозвола врз основа на медицинско ослободување за учество на Австралија опен, што почнува на 17 јануари, но тоа не беше доволно на граница да му ја одземат визата, бидејќи „не успеа да обезбеди сигурни докази дека ги исполнува условите за влез во Австралија“.
– Новак Ѓоковиќ не го држиме како заробеник во Австралија, тој може слободно да си замине во секое време кога ќе смета дека е соодветно, а пограничните власти ќе му помогнат во тоа, изјави Ендрјус за националната телевизија. Министерката исто така додаде дека локалните служби ги разгледуваат случаите на уште двајца невакцинирани тенисери кои се примени во земјата да учествуваат на Австралија опен со слични медицински исклучоци.