Селекцијата на дипломатите што се упатуваат во странство е затруена од партиски интереси, вели во изјава за неделникот Фокус Зоран Дабиќ, дипломат од кариера и претседател на Дипломатскиот синдикат, откако периодов во јавноста се отвори темата за состојбите во дипломатската мрежа, по повод обидот на Владата да испрати лице без искуство за генерален конзул во Њујорк.
-Наместо најквалитетните, најчесто се упатуваат најподобните, дури и кога разликата во квалитет е драстично на нивна штета. Тоа, пак, возвратно, продуцира силен клиентелизам кај вработените, при што еден дел, за да напредува и оди „надвор“’ се потпира на напори да се допадне на шефовите, а не да ги надградува својата стручност и моралниот интегритет – вели Дабиќ.
Тој додава дека политиката ги смета амбасадорските позиции за свој „воен плен“ и тоа не во смисла на нивната хиерархиска поставеност и спроведување на државните интереси, туку, како што истакнува, во смисла на нивното присвојување. Тоа, според него, јасно се гледа во поделбите на амбасадорските места помеѓу претседателот, премиерот и коалиционите партнери.
-Јас имам 5 мои, ти имаш 6, а 8 ќе се поделат помеѓу партиите на власт, на пример, а потоа се оди на персонален избор според лукративен резон, заслуги, награди, симпатии и сл. Врвот на нонсенс се случува кога поради икс причини експонентите на власта имаат спротивставени интереси за одредени амбасадорски места. По правило, на најатрактивните дипломатски дестинации. Тогаш страда дипломатијата, а со неа и имиџот и меѓународниот углед на државата – порачува Дабиќ.
Тој посочува дека сериозна дипломатија подразбира градење стручни кадри подолго време, односно за тоа се потребни најмалку десетина години работа во струката. Како што нагласува Дабиќ, во најдемократските и најразвиените земји преку 90 проценти од амбасадорите отпаѓа на дипломати од кариера, односно професионални дипломати.
-Нивниот квалитет е плод на долгогодишна селекција и искуство што не може да се добие на друго место. Кај нас, гледано од финансиски и кадровски аспект имаме пренадуена дипломатска мрежа, од преку педесет дипломатско конзуларни претставништва низ светот. Многу често, покрај амбасадорот, во нив работи персонал од само едно до две лица, кој што многу тешко може квалитетно да одговори на работните обврски – истакнува поранешниот македонски амбасадор во НАТО.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
В.С.