Да живее партијата

На една од најболните теми, а тоа е партизацијата, Левица се исклиза. Не навлегувам дали се тие левица или десница бидејки тоа е парадигма која се води по добро познатата divide et impera, но како партија со потенцијал да биде конкуренција на политичката мувла во Македонија, нормално дека очекувам повеќе.

by Fokus

Пишува: Јанаки МИТРОВСКИ

Рак рана на македонската држава долги години е партизацијата на сите пори на општеството. Развивање на база на гласачи преку изразит клиентелизам, ние тебе работно место и бенефиции, ти нас безусловна лојалност е modus operandi на секоја меинстрим политичка партија во Македонија. Нормално, можноста за грбачење на луѓе на државна цицка е еднаков на политичката моќ и влијание на претпоставената политичка партија во Републикава.

Одамна сме свикнале на партиски вработуања, а да биде состојбата полоша кај нас и самиот народ го доживува партизирањето како нормално па и посакувано ако бенефициите се однесуваат на нам лично. Резултатите од деценискиот процес на јавање на институциите е евидентен и општо познат- девастирани и превработени институции кои се далеку под стандардите кога се работи за испорачување на оние услуги за кои се се уште солидно платени.

„ПРЕКУ ЛЕВИЦА“

И кога веќе сум навикнал да ги гледеам ДПМНЕ, СДС и ДУИ како и нивните привезок партии да не јаваат, некни гледав интервју на истурен активист на политичка партија Левица кој гостуваше кај Љупчо Златев. Покрај политичко агитирање, муабет падна и на горната тема откако водителите запрашаа дали се точни информациите дека луѓе се вработуваат во јавните претпријатија на град Скопје “преку Левица”.

Можеби политичкото неискуство, или детската искреност на едната половина од рап дуото Пука Козметика доведе до тоа да отворено се каже дека е тоа така, дека се работи за едно педесетина луѓе ама истите да ти биле компетентни. Биле бирани по мерит систем, саде квалитетни деца, по три пати проверувани. Се обиде Боцески исправно да посочи дека ова е наратив кој сме го изнаслушале од поголемите партии и да ги прашаме и Мицковски и Ковачевски веројатно би сметале дека и нивните кадри се компетентни.

Другар ми Жаре продолжи во свој стил со уште поскандалозни тврдења дека луѓето кои се вработуваат преку Левица имаат “специфични задачи” на своите работни места зададени од партијата. Леснотијата со која ова се кажува мене ме фрапира. Небаре е нормално кога ќе се вработите во јавно претпријатие да одработувате под водство на партијата а не да ги извршувате работните задачи на кои сте се нафатиле. И после се лутат од Левица за овие компарации.

СЕ ИСКЛИЗА НА ПАРТИЗАЦИЈАТА

На една од најболните теми, а тоа е партизацијата, Левица се исклиза. Не навлегувам дали се тие левица или десница бидејки тоа е парадигма која се води по добро познатата divide et impera, но како партија со потенцијал да биде конкуренција на политичката мувла во Македонија, нормално дека очекувам повеќе. Она што не очекувам е да партизирање на институции со наши деца се претставува како нормално, со цимет дека жими мајка луѓево се компетентни.

Сум имал повеќе преписки на социјални мрежи со жена интелектуалец од Левица, професор на факултет, која за разлика од тимот задолжен за социјални мрежи знае да дебатира културно и да држи ниво. И аргументот редовно е дека Левица е опозиција и практично не треба да се критикува. Фала богу дека власта треба да е главен таргет на критика, а мене ми е, но овие политичари претендираат утре да бидат власт ( под утре подразбирам следните две години) а чесност се докажува кога си на власт. Во опозиција сите се чесни, а партиско полнење на институции при делумна локална власт е тенденција која загрижува.

Главниот проблем за мене е што рапидно ни снемува алтернативи, односно политички сили кои ќе си ги држат гнасните раце понастрана од судство, нема да вработуваат по партиски клуч, нема да ги јаваат јавните финансии небаре се дома. Тоа е тоа, да живее партијата!

Поврзани новости