Од 30-ти јануари, кога исчезна нашиот брат и син Миле Тодоров (28), нашето семејство живее во агонија. Воопшто не ни се од помош теориите дека заминал во манастир, затоа што тоа не е вистина, за ,,Фокус” вели Марија, сестра на момчето од Неготино, кое го нема веќе 40 дена.
Во име на семејството таа тврди дека Миле не е ниту во еден манастир, како што се шпекулираше на социјалните мрежи, бидејќи сите манастири во земјата биле проверени, а за оние кои не се доволно упатени, појаснува дека правилата околу наводно засолнување и криење во манастир многу одамна се променети.
-Можеби пред 15 или 20 години, луѓето можеле да се засолнат во манастир, без никој освен свештениците да знае. Но, денес има поинакви правила и закони. Секој еден кој ќе дојде во манастир и сака таму да остане, треба да приложи личен документ, ако се работи за лице по кое се трага, свештениците се должи тоа да го пријават. Можеби станува збор за некој кој е сторител на кривично дело, па затоа секој еден кој инсистира да остане во манастир, не може да бара од свештениците да го кријат. Доколку некој го бара тоа лице, тоа според закон не смее да се крие и мора да се пријави.
Сакаме да порачаме дека сите манастири се проверени и Миле не е во манастир, да не се насочува истрагата кон лажни трагови, туку да се дознае вистината! Не може само, туку-така, да се кажуваат претпоставки дека наводно заминал во манастир, и да се остави случајот да падне во заборав, вели сестрата.
Додава дека првите денови, кога исчезнал брат и, семејството било во шок, но сепак имале надеж дека за кратко време Миле ќе се врати или ќе биде пронајден. Но, како одминувало времето, на сите им станувало се потешко. Апелира доколку некој има било каква информација, да не се двоуми и да каже што знае, затоа што фамилијата живее во агонија.
-Првата мисла и првиот муабет наутро ни е тоа, каде е Миле, што му се случи? Последната мисла навечер, пак ни е таа, каде е нашиот брат и син? Имаше многу планови, недовршени работи. Освен спортското судење кое го очекуваше во деновите по исчезнувањето, имаше договорено и други работи, во слободно време се занимаваше со лимарска работа, луѓе го чекаа да завршат работа…
Последната трага е таа, забележан од камери, но и од очевидци, како пеш од Кавадарци се упатува кон Неготино, последен пат виден кај Марена, каде беше пронајден и неговиот мобилен телефон. Пари од сметката нема извадено, пасош со себе нема и не е излезен од земјата, мобилен телефон нема со себе.
Дента пред да исчезне се беше во ред, се договаравме околу подарокот за именденот на нашиот татко. Имаше работа, добри примања, не беше во конфликт со никого.
Сите теории и претпоставки околу исчезнувањето не ни одат во прилог оти само се свртува вниманието во погрешен правец, а ние ја бараме вистината! Следиме во медиуми случаи за други луѓе од земјава, кои исчезнале и со години не се пронајдени, и се прашуваме какви се овие мистерии? Што се случува со овие луѓе, помеѓу кои има и доста млади?
Повторно апелираме и замолуваме, ако некој знае било што, да пријави во полиција, порача Марија.
Фотографијата и податоците за Миле се објавени и на официјалната страница на МВР за исчезнати лица. Миле е високо момче со спортска градба, со зелени очи и светло кафеава коса, последен пат забележан облечен во работничка облека.
Вики Клинчарова