Да се создаде Фонд за зелена транзиција како гаранција за еколошката такса

by Fokus

Воведувањето на еколошката такса на цената на горивата ќе има еднократен краткорочен ефект врз општото ценовно ниво – инфлацијата, кој би се движел од 0,15 до 0,3 проценти. Долгорочниот ефект од еколошката такса врз инфлацијата е потенцијално посилен 0,8 до 0,9 проценти, но емпириските докази за неговата статистичка значајност се поограничени, велат од „Finance Think“ во моделската оценка за ефектите од намерата за воведување еколошка такса од 3,5 денари за литар гориво (4,13 денари со вклучен ДДВ).

-Двата ефекта – краткорочниот и долгорочниот не треба да се потценуваат. Оттука, препорачуваме еколошката такса да се воведе скалесто, и тоа: 1,5 денари во јули 2021, 1 денар во јануари 2022 и 1 денар во јули 2022. Со тоа, ценовниот ефект, без оглед колку е мал, ќе биде дополнително разводнет, велат од „Finance Think“.

Зголемување на цената на горивата од еден процент, во просек, според нив, резултира со зголемување на општото ценовно ниво помеѓу 0,02 и 0,05 проценти. Оттука, воведувањето на еколошката такса во висина од просечни 6,2 проценти од цената на литар гориво ќе придонесе со дополнителни 0,15 до 0,3 проценти пораст на општото ценовно ниво на краток рок.

Според нив, долгорочниот ефект од зголемување на цената на горивата врз вкупните цени, пак, е посилен, и може да е позначаен бидејќи еколошката такса е перманентна промена.

-Еден процент зголемување на цената на горивата, во просек, резултира со зголемување на општото ценовно ниво помеѓу 0,14 и 0,16 проценти на долг рок. Оттука, долгорочно гледано, воведувањето на еколошката такса ќе придонесе со дополнителни 0,8 до 0,9 проценти пораст на општото ценовно ниво. Ценовно зголемување кај горивата вообичаено го зголемува општото ценовно ниво (инфлацијата) на сосем краток рок, односно во првиот месец по зголемувањето на цените на горивата. Оттука, ценовниот ефект од еколошката такса би настанал веднаш, нагласуваат од „Finance Think“.

Потоа, посочуваат, зголемување се забележува и помеѓу седмиот и 15-тиот месец од воведувањето на еколошката такса (ефект кој е статистички значаен), а потоа исчезнува.

-Тоа потенцијално укажува дека освен еднократниот ефект, може да се очекува одреден понатамошен преносен ефект од воведувањето на еколошката такса во висина од долгорочниот коефициент од 0,14 проценти, велат од „Finance Think“ и истакнуваат дека воведувањето на еколошката такса се случува во време кога нерамнотежите кај повеќе добра и услуги на глобалниот пазар, предизвикани од пандемијата, вршат одреден привремен притисок врз цените на глобално ниво.

Нивна препорака е и да се создаде Фонд за зелена транзиција што би бил гаранција дека средствата од еколошката такса навистина ќе се употребат за поддршка на зелената транзиција во земјата и со тоа да се демантира впечатокот дека еколошката такса се воведува за да ги компензира фискалните приходи кои ќе се изгубат поради намалувањето на ДДВ-то на електричната енергија.

Исто така, од „Finance Think“ сметаат дека за финансирање на зелената транзиција треба да се отвори поширока дебата и консултации, вклучително и за алтернативните модели за финансирање, како на пример издавање зелена обврзница.

 

Поврзани новости