Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, изјави денеска дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го блокираат донесувањето на измените и дополнувањата во Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, затоа што сакаат да ги заштитат своите партиски војници во МРТ и АВМУ.
Како што рече Селмани, донесувањето на измените е блокирано од фиктивната расправа во собраниската комисија. Тој порача доколку ВМРО-ДПМНЕ не се откаже од ова, претседателката на комисијата, Лилјана Затуровска, да закаже седница на која ќе разреши тројца членови од програмскиот совет на МРТ и еден член на АВМУ.
-Главната преокупација на ВМРО-ДПМНЕ не е судбината на МРТ, туку преку одолговлекување на расправата да ги заштити нивните партиски војници во МРТ и АВМУ. Упатуваме јавен повик идната недела да продолжи расправата, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја прекинат лажната дебата и да дозволат Собранието да го усвои законот – рече Селмани.
Во спротивно, додаде тој, парламентарното мнозинство треба да ја преземе одговорноста и да ја одблокира работата. Ако парламентарното мнозинство, рече тој, не постапи на овој начин, ќе се доведе во прашање искреноста на власта за медиумски реформи.
-Ако ВМРО-ДПМНЕ прдолжи да се однесува неконструктивно бараме Комисијата за прашања на изборите и именувањата да утврди претстаток на мандат на тројца членови на програмскиот совет во МРТ и еден член во АВМУ затоа што при нивниот избор не е почитувана законската процедура и да започне постапка за пополнување на испразнетите места во советите – рече Селмани.