Жителите на улицата „Питу Гули“ на Водно поднесоа барање до градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски и побараа да го поништи одобрението за градба на фирмата „Маркеза“ коешто го издаде претходниот градоначалник, Саша Богдановиќ.
Оваа парцела за која е издадено одобрение за градба е опкружена со парцели чии сопственици се фирмата „Ексико“ на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, „Кара“ на Орце Камчев и на други познати бизнисмени.
-Одобрениe за градба е дадено за еден кат повеќе од дозволеното, замаскирано во галерија. Парцелата на која е дадено одобрение за изградба нема пристап до јавен пат, што значи дека не е изведена и не е можно по легален пат да се изведе никаква инфраструктура. Единствен начин за да се добие пристап е да се изгради нова улица на ридот која не е во Програма за уредување на градежно земјиште за 2022 година, се дел од аргументите на жителите.
Во писменото барање тие наведуваат дека на местото нема да се гради семејна куќа за што е издадена дозволата, туку ќе се гради поголем објект, односно хотел.
-Според проектот за архитектура, во објектот се предвидени 10 спални соби и 7 купатила, а според проектната документација се предвидени 20 спални соби и 30 купатила. Општината не направила проблем за ова несовпаѓање според кое јасно се гледа дека објектот нема да биде семејна куќа туку ќе биде или мотел, преноќувалиште, дом или хотел, велат жителите.
Експертите кои ги консултирале жителите на оваа улица, градежници и архитекти, процениле дека помала е штетата за Општината кога би ја оспорила својата одлука за издавање на ова одобрение, отколку да ја изгради пристапната улица бр.5, предвидена со ДУП-от. Сите експерти кои го посетиле теренот утврдиле дека стрмноста на теренот од 70 проценти и недостатокот на инфраструктурни решенија може да бидат фатални за жителите.
Крајот на слепата улица Питу Гули 2 е ширинка која веќе 60 години е единствен паркинг простор за резидентите, што била и нејзината единствена намена.
Експертите од Шумарскиот факултет изготвиле елаборат во кој оваа шума во која се наоѓа парцелата со добиено одобрени, и која ќе им отвори пат на останатите, е засадена како дел од големата акција за пошумување која започнала во далечната 1928 годинаЦелта на пошумувањето била биолошка стабилизација на почвата и заштита од ерозија и поплави.
Инвеститорот веќе заработи казна за недозволено сечење на дел од шумата.
Станува збор за парцела со сопственост на фирмата „Маркеза“ ДООЕЛ од Скопје, која, како што објави Истражувачката репортерска лабораторија, има деловни односи со фирмата БИСИ ДООЕЛ, на поранешниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Георгиевски. Дозволата за градба на парцелата ја дал поранешниот градоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ.