Да се менуваме со променетите времиња

by Фокус

Сакам Република Македонија да биде нашиот Израел… да биде обединувач во рамките на Републиката и ширум светот, република со која ќе се гордеат сите Македонци, независно од нивните политички и етнички предиспозиции и Македонија во која тие што се идентификуваат како етнички Македонци, имаат волја да ги признаат оние Македонци што се идентификуваат себеси како етнички Бугари, и обратно, смета Ник Стефанов

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

Пловилото што тргнало кон Америка од некое пристаниште во Хрватска пред точно седумдесет години, во 1953 година, бил товарен брод кому, растоварувајќи стока по пристаништа, му требало цел месец да стаса до Њујорк.

На него имало само двајца патници: Владо Малески и Коле Чашуле, претставници на новоформираната организација за грижа за дијаспората – Матицата на иселениците од Македонија.

Со список на наши луѓе заминати на печалба во Америка од почетокот на векот, двајцата млади претставници на партизанската генерација тргнале, така да се изразам, од врата на врата во мисија на придобивање на „нашинците“ за македонската кауза.

Дувнете на ламбата, им вели наш човек иселен од времето кога немало струја во неговиот роден крај. Тие, прифаќајќи ја играта, дуваат со сета сила. Домаќинот, пак, скришум го притиска штекерот на ѕидот, ја гасне светилката и громогласно се смее.

Во мисија за афирмација на младата македонска нација и држава, двајцата идни познати македонски писатели и југословенски амбасадори ја пропагирале идејата за наша македонска држава меѓу луѓе иселени од времето на турско или по Балканските војни.

Нагорен бил патот за афирмација на македонската нација, чии дејци, по сугестиите на Крсте Мисирков, врши кодификација на македонскиот јазик, а луѓе како Малески и Чашуле се меѓу првите што ги положуваат темелите на македонската литература.

МПО – НАЈСТАРА ОРГАНИЗАЦИЈА

Како и при прогласувањето на независната македонска држава во 1991 година, и тогаш просторот требало да се освои. Во 1953 да ги освојат срцата на луѓето од „стариот крај“, а во 1991 година, меѓународно признавање од државите што го сочинувале меѓународното општество на држави.

Такви пробиви не се прават лесно. Имено, позициите се веќе заземени од постарите држави и од постарите организации, кои ја претставувале македонската дијаспора во Америка.

Најстарата од таквите организации била и сѐ уште е Македонската патриотска организација (МПО). Новата власт во федерална Македонија, на оваа организација гледала како на непријателска, како на центар на бугарската пропаганда. И обратно.

Изразувајќи ги етничките чувства на таа генерација доселеници од отоманската провинција Македонија, МПО е бугаро-центрична по својот карактер. На македонската нација и држава, пак, се гледало како на комунистички заговор, а на државата и нацијата, како на „вештачка“, „измислена“ творба на Тито и на Коминтерната.

Од друга страна, со години ние ја доживувавме МПО како непријателска организација. Таа недоверба и тој страв беа врежани и во мојата свест и во мојата психа. На средба се запознав на еден ручек во Њујорк со претседателот на МПО, Лебамов, во средината на 1990-тите.

Седумдесет години по првото патување на Чашуле и на Малески, како претставници на Матицата на иселениците на Македонија во Америка, во едно ново време на интернет и на инстант информации, добивам писмо од младиот секретар на МПО и уредник на најстариот весник на иселениците од Македонија „Македонска трибуна“, Бојан Лазаревски, роден во Куманово.

Вели дека желба е на раководството на МПО, кое е во посета на нашата држава, да се сретнеме. Се разбира дека ја прифатив поканата, пред сѐ, за да видам што мисли новата генерација, генерацијата на децата на Владо Малески и на Коле Чашуле, генерација 70 плус. Да видам колку работите се смениле.

Ник Стефанов, роден во Америка, еден „двометраш“, со темперамент на младич, ми ја кажа накратко приказната за неговиот дедо, кој, корпулентен каков што е и самиот тој, имал една необична работа: во топилницата за железо во која работел, задача му била да патролира околу работниците ложачи и секогаш кога некој ќе паднел во бессознание од жештината, да го крене и да го изнесе надвор за да се освести.

МАКЕДОНИЈА ДА БИДЕ НАШ ИЗРАЕЛ

Кај генерацијата родена во Америка, како, впрочем, и кај сите други нации доселени во Америка, се развива чувство на припадност кон американската нација. Конечно, сите, освен домородното индијанско население, се доселеници.

Тоа не го брише сеќавањето за приказните на дедо и баба за стариот крај, но ги прави новите генерации потолерантни кон разликите, токму како што е во Америка. Една поширока формула ја заменува онаа бугаро-центричната.

Ник вели дека МПО се смета себеси за претставник на земјата Македонија, а не толку на посебен дел од нејзините делови. Република Македонија, вели тој, треба да биде „наш Израел“.

Еве како го објаснува тоа: „Сакам Република Македонија да биде нашиот Израел… да биде обединувач во рамките на Републиката и ширум светот, република со која ќе се гордеат сите Македонци независно од нивните политички и етнички предиспозиции и Македонија во која тие што се идентификуваат како етнички Македонци, имаат волја да ги признаат оние Македонци кои се идентификуваат себеси како етнички Бугари, и обратно.

Сепак, пред тоа да се случи, важно е македонската република да продолжи да постои, а тоа може само ако стане помалку кршлива и нестабилна и повеќе самоодржувачка и безбедна“.

Во текот на разговорот, во едно скопско кафуле во Дебар Маало, ни се придружи Крис Еванов, претседател на МПО од 1996 до 2006. Всушност, под негово раководство МПО почнува да се редефинира во насока на новата мисија.

Вања Тошевски и Насте Чаловски биле пратеници на претседателот Киро Глигоров на конгрес на МПО во текот на неговиот претседателски мандат, вели. Во годините на нашето меѓународно признавање, Крис остварил бројни средби со национални и меѓународни лидери во поддршка на Република Македонија.

Роден во Прилеп, овој исклучително успешен бизнисмен од Детроит кажа две вистини како заклучок од неговата посета на Македонија. Првата е дека ние немаме економија зашто сѐ е политика. Втората е дека ние немаме патишта.

Ќе се сретнете ли со претставници на нашата власт и на опозицијата, прашувам. Не, овојпат велат: политичката ситуација во државата е премногу поларизирана.

Поврзани новости