„Процесот на реформи и нивното импелемнтирање треба да се движи многу брзо. Динамиката на спроведувањето реформите не е толку брза како што ние би сакале. Што се однесува до уставните измени прво што треба да се направи е да се демистифицира сиот тој процес. Со самото придвижување напред, вашата земја не го губи идентитетот, не го губи јазикот, ниту пак историјата“.
Ова денеска од Крушево го порача евроамбасадорот Дејвид Гир.
Тој рече дека „живееме во извонреден момент во историјата на целиот свет, поради војната што се случува во Украина, која всушност значи засилување на процесот на проширување на Европската унија“.
Земјава, според Гир, има огромна можност која не треба да се пропушти.
„Ако земјата сака да се зачлени во ЕУ, тој процес на реформи треба да се движи многу брзо, што значи дека многу брзо треба да се имплементираат реформите кои, првенствено, се во интерес на граѓаните и, се разбира, тие се во интерес на придобивките кои самата земја и граѓаните ќе ги почувствуваат кога ќе станат членка на ЕУ. Динамиката на спроведувањето на тие реформи не е толку брза како што ние би сакале. Таа динамика на реформите треба да биде многу брза, многу подинамична и тој процес на реформи бара сите чинители во земјата, вклучително и сите политички партии да седнат заедно и да се согласат дека тоа е врвен приоритет за земјата за да може што поскоро да се зачлени во ЕУ, изјави Гир.
Тој смета дека „со самото придвижување напред, земјава не го губи идентитетот, не го губи јазикот, ниту пак историјата“.
„Првата работа што сакам да ја потенцирам, а се однесува на уставните амандмани, тоа е суверена одлука што треба да се носи од самата земја. Треба да се разгледаат сите предлози кои ќе произлезат од работната група за уставните амандмани и, всушност, да се направи, да се објасни експлицитно тоа што стои имплицитно во самиот Устав за да можат луѓето кои се самоидентификуваат како Бугари да бидат вклучени во Уставот“ вели евроамбасадорот.