Земјоделците не се сами во својата борба за пласман, профит, модернизација, развој и унапредување на производството, истакна министерот во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, вечерва во Битола.
На манифестацијата „Избираме најуспешни во областа на земјоделството“, министерот Хоџа нагласи дека Владата е секогаш тука да креира мерки, да интервенира кога не оди, да помага кога сам не се може.
-Да се биде земјоделец значи да се биде храбар, истраен, вреден, неуморен, посветен и трпелив. Да се биде земјоделец значи чест да ги имаш сите овие особини надградени со љубов кон професијата и грижа за природата. Да се биде земјоделец не е лесно, но сепак вреди. Вреди затоа што производството на храна е најблагородната професија, затоа што храната значи живот. За жал, животот застана минатата година поради Ковид-19, но земјоделското производство воопшто не застана. Природата не може да чека, земјоделците мораа да ги продолжат своите редовни активности независно од условите предивикани од вонредната состојба. Се соочивме со многу предизвици и ние како институција, но и вие како производители, но сепак се изборивме. Одевме, чекор по чекор и ги надминавме сите предизвици, посочи министерот Хоџа.