пишува Ида ПРОТУЃЕР ВЕЉКОВИЌ
Во последните часови од викендот кога истекува рокот да се спаси договорот од Пржино, се наметнува клучната дилема: дали Груевски има каков било мотив да го спасува договорот што самиот го турка во пропаст? Нема. Тој веќе разбра дека итарпејовските манири веќе не поминуваат кај странците, дека договорот од Пржино подразбира фер и демократски избори, правна држава и казна за оние што краделе и мамеле. Тој договор го бара сето тоа што Груевски систематски го уништуваше цела деценија за да може да го инсталира режимот во чии придобивки ужива.
Кога тој договор би се остварил, логична и праведна разврска е Груевски и неговата свита да завршат зад решетки, да вратат многу украдени милиони и да ги загубат сите привилегии што произлегуваат од воспоставената контрола врз институциите, медиумите, судството, поточно сите државни ресурси.
Конечно, дека Груевски е свесен за ваквата разврска говори и фактот што преку своите пци на пропагандата отвори војна со новото Специјално обвинителство, со странските олеснувачи, амбасадорите, и се чини дека веќе нема назад.
Напорот на меѓународната заедница, пак, е на радост на сите слободоумни граѓани во земјава, но дали не е веќе премногу доцна? Долго време граѓанството апелираше за помош во остварување на вредностите на цивилизираниот свет овде, но добиваше одговор дека тие не се мешаат, додека поранешниот американски и британски амбасадор важеа за блиски домашни пријатели на премиерот.
Освојуваа медиум по медиум, газеа институција по институција, корумпираа со пари со кои ги задолжуваат идните генерации и тоа меѓународниот фактор само го набљудуваше. Граѓаните кои навистина сакаат воспоставување европски вредности во Македонија ќе бидат благодарни ако меѓународната заедница, сега, кога реши да помогне, навистина успее со спроведување на договорот од Пржино да ја врати земјата на европскиот пат од кој застрани одамна. Но, сега на тој обид не му се спротивставува режим во процут, туку режим во полн цут.
Груевски не само што нема да помогне во тој процес, туку ќе направи се да го осуети. Дури и да му замрзнат сметки и имоти во странство, се чини дека тоа би го жртвувал за привилегиите што ги има со узурпираните државни ресурси дома. Злобниците ќе речат дека можеби ќе страда бизнисот во Чешка, но веројатно и тоа е пресметан ризик.
Сега Груевски со долгогодишната коруптивна пракса има на своја страна разработена пропагандна машинерија, сите институции под контрола заедно со вработените во администрација, пари од буџетот за натамошно корумпирање, а Заев ги има само “бомбите” кои се со ограничен дострел.
Ако навистина на Груевски му беа важни европските вредности, за кои демек декларативно се залага, се прашувам зошто не го крена фамозниот телефон, чисто да го праша оној Аневски од Советот на обвинители: зошто ја суспендира правната држава? Зошто се става над законот кој го изгласаа пратениците, поточно грубо го крши? Или уште поблиску, што е со европските вредности во неговиот владин кабинет?
Здрава бремена жена почина на породување со сомневање дека ја оперирал пијан анестезиолог. Претходно почина родилка во Тетово, починаа Анамарија, Тамара… Во услови на еднодецениско инсталирање на партиски лекари и “ослободување” од сиот вреден медицински кадар кој избега или во странство или во приватните болници чии услуги се прескапи за македонскиот стандард, оставка е премалку. Тодоров треба да одговара за убиство. И тоа убиство со умисла ако се земат предвид сите горенаведени факти за свесно систематско уништување на државното здравство.
Моето прашање е: колку гласови на избори донел гевгелискиот анестезиолог за да може непречено да пие и тоа да се толерира на работно место каде за животот се работи? Така што, Договорот од Пржино многу помалку е битен за опозицијата, колку што е битен за граѓаните затоа што од “системот” на Груевски се множат само жртви. Кој мртов, кој репресиран, кој осиромашен, “среќниците” иселени. Затоа прашањето е: сега да се биде или не!?