Три-годишниот Војдан Спасовски е роден предвреме, па првите 70 дена од својот живот ги поминал во инкубатор, борејќи се со разни инфекции и здравствени предизвици. Како што раскажува за ,,Фокус” неговата мајка Марија, дијагнозата Церебрална парализа дошла подоцна, и семејството решило да направи се за подобрување на состојбата на своето дете.
Но, секојдневната борба и третмани, освен што носеле напредок кај Војдан, повлекувале и огромни финансиски трошоци, со кои ова семејство се потешко се справувало. Поради тоа, младите родители се решиле да побараат помош од хуманите граѓани, со цел да продолжат континуирано со терапиите, кои донеле очигледен напредок кај малото момче.
-Секоја насмевка на Војдан, секоја негова комуникација и напредок, колку и да е тој мал, нам ни е благослов и мотив да продолжиме напред. Уште пред три години започнавме со терапии во приватна поликлиника во Загреб, одиме во Хрватска секој месец и таму поминуваме по една недела. Со сопругот, кој за среќа има големо разбирање на работното место за отсуствата, заедно престојуваме во приватно сместување, во близина на клиниката, даваме се што е во наша можност да му помогнеме на Војдан, а резултатите се ветувачки.
Војдан се смее, почнува да зборува, таму има пливање, разни видови на физикални терапии и работа со дефектолози…
И кај нас редовно одиме на терапии, јас се обучив дома да му ги правам вежбите предвидени со физиотерапијата, но неоспорен е напредокот од третманите во Загреб.
Годишно за овие третмани одвојуваме по 28.000 евра, плус трошоците за патување,сместување… Исцрпени сме, и моравме да се решиме на овој чекор, да побараме помош од јавноста, бидејќи не се работи за мала сума на пари. Благодарни сме на секој кој ќе може да донира, да не поддржи и да ни помогне да продолжиме со нашата битка за подобар живот на Војдан – раскажува мајката.
Веќе се отворени телефонски линии за донации: Т 143 139 и А1 143 442, како и трансакциска сметка на име Војдан Спасовски, во Силк Роад Банка 280 107102128795
IBAN MK 0728010701015332
SWIFT CODE KRSKMK2X
Исто така, може да се донира и на страницата https://www.gofundme.com/f/vojdan-ist-ein-kind-mit-zerebralparese
Вики Клинчарова