Младата Марина Крстеска од Битола околу две години лавовски се бори за здравјето и животот на нејзината мајка Снежана Петровска. Нивната борба започнала во 2022 година, кога на 17-ти октомври Снежана имала неуспешна операција на главата, тумор на хипофиза, во Државна болница Скопје.
Како што раскажува Марина за ,,Фокус”, операцијата била неуспешна и со последици, на мајка и и ослабел видот на едното око и и останала вдлабнатина на главата. Туморот не бил отстранет и продолжил да расте, а главоболкте останале и со тек на време станувале се посилни. Била потребна и друга интервенција, а во меѓувреме Снежана останала без работа, бидејќи здравствената состојба не и дозволувала да работи. Нејзиниот сопруг бил пензионер, живееле со мали примања, па целото семејство се задолжило за да обезбеди средства со кои ќе ги плати операциите.
Започнало нивното патешествие низ болничките лавиринти, со цел да се најде лек за Снежана, а на својот пат се сретнале со низа на препреки. Освен здравстевните предизвици, сега нивното семејство се соочува и со низа на финансиски предизвици, бидејќи лекувањето повлекло големи суми на пари.
-Докторот од Државната Болница Скопје се нафати за повторна операција, ама ни кажа дека нема да го извади пак туморот и решивме да одиме на второ мислење.
Една опција беше Солун, каде ни побараа 20.000 евра, ама немавме доволно пари. Побаравме трето мислење во Систина, интервенцијата таму изнесуваше 8.000 евра. Докторот се нафати да ја оперира преку нос, операцијата на мајка ми се изврши на 25.01.2024 година. За време на операцијата пукнал слаб крвен сад, го спречија крварењето, но со ова дојде до уште еден проблем, што мораше да се направи уште една интервенција за брзо време за да не пукне повторно крвниот сад, па да заврши лошо.
Докторот не информираше дека треба бргу да одлучиме дали сакаме во Систина или надвор од државата да се прави интервенцијата. Бидејќи мајка ми беше оперирана пред кратко време, не можевме да ја носиме надвор од државата, а не ни знаевме каде да се обратиме, бевме во шок, па одлучивме што е можно побргу да се изврши интервенцијата во Систина.
Во Државната Болница Битола ни кажаа ако има крварење за итен случај ќе ја оперираат, инаку ќе се чека, а не беше за чекање- раскажува Марина.
Појаснува дека мајка и по вторпат била оперирана на 31-ви јануари годинава.
-Беше направена ендоваскуларна интервенција, стентирање и колирање на каротид десно, поради постоење на CCF.
Пред операцијата за стентирање ни кажаа 10.000 евра, и на крај испадна 22.000 евра!
Двете операции кои ги имаше мајка ми изнесуваа 30.000 евра. Сумата беше превисока за нас, поради тоа, со цел да се соберат средствата во тоа време отворив телефонски броеви на А1 и Телеком, споделував на Фејсбук, на Инстаграм, а отворивме и Gofoundme сметка. Баравме начин како да се соберат средствата, се најдовме во незавидна ситуација.
Мојата мајка работеше пред да се направи операцијата во 2022 година, по што замина на боледување. Но, фирмата во која работеше ја отпушти за нецела година, додека беше на боледување, не беше во состојба да работи поради силните главоболки и слабиот вид. Сега се води под татко ми, кој е пензионер.
Двајца со минимални примања не можеа да си ја платат операцијата, се задолжија на сите страни, а исто и јас. Беше шок за сите, мораше да се плати за да ја отпуштат од болница – раскажува ќерката.
Вели дека мајка и по една недела повторно била задржана во Систина, а за една недела платиле 100.000 денари, бидејќи во болницата во Битола не можеле да и помогнат, поради крварењето кое го имала од носот.
-Моите родители немаат сили повеќе, јас постојано бев со нив, цел месец, и до ден денес одиме во Систина на контроли и снимање, да се следи состојбата, дали стентот ќе го задржи телото, ако не е успешно ќе треба повторна интервенција, повторно стент…
Со донациите оди многу слабо, веќе месец и пол се трудам да споделувам, молам познати лица да споделуваат, па стигнав и до ,,Фокус” ако може да ни се помогне, да се рашири веста до хуманиот народ.
Случајот на мојата мајка можеби не е итен како на другите, ама донацијата со броеви трае уште месец и половина бидејќи само три месеци се отворени броевите. Замолувам за помош, знам дека мајка ми има 58 години, но таа е мојата мајка и возраста не е важна. Јасно ми е дека секојдневно има апели за донации и за спас на млади лица, на деца, и поразително е што донациите стануваат единствена опција за помош на многу граѓани, но верувам во човечката добрина и солидарност – вели Марина.
Оние кои се во можност да помогнат, можат да донираат на броевите за донации А1 143 484 и Т 143 126, или пак на сметката на Благоја Петровски, 200 003784664318.
Вики Клинчарова