За четири деца од Куманово на возраст од пет, девет, десет и тринаесет години, секој нов ден е битка за преживување. Без струја, без вода, почесто гладни отколку сити, вака живее семејството на 33-годишниот Денис Василевски.
Вели дека со сопругата, покрај тоа што се борат со сиромаштијата, животот им нанел силен удар, бидејќи две од децата им се со попреченост.
-Најстарото дете ми е со церебрална парализа. Има 13 години, не може да функционира самостојно. Ние го храниме, го облекуваме, на раце го носиме до надвор… Второто дете пак, кое има десет години е немо, не може да зборува. Поради состојбата, не можат да се остават сами, па сопругата им го посвети целиот живот, се грижи за нив и не оди на работа. Јас до пред неколку месеци работев во приватна фирма за производство на лепак, но поради кризата со вирусот, се намали работата, останав дома. Не ме прашувајте како живееме. Само ние си знаеме. Секој ден за нашите деца е нов предизвик. Навечер со свеќа, веќе три години по ред, без вода, исто три години. Од соседите бараме да ни наполнат шишиња, кога е време за капење на децата, надвор, вода на оган загреваме. Девет-годишното дете е трето одделение, кога се одеше на училиште, на свеќа пишуваше домашна работа, на свеќа учеше… Многу, многу тешко – за ,,Фокус” раскажува Василевски.
Вели дека проблемите со електричната енергија и со водата им се присутни три години, откако се преселиле во куќата каде сега живеат. Плацот каде е изградена куќата бил негов, но немал доволно средства да го префрли на свое име.
-Секаде се распрашував, ми требаат најмалку 40.000 денари, ако не и повеќе, да се средат тие формалности, по што ќе можеме да добиеме приклучок на вода и електрична енергија. А од каде да најдам толку пари, кога едвај за храна имаме… Добивам помош од 8.000 денари за трето дете и околу 4.400 денари за нега на детето со церебрална парализа. Може ли да живее шестчлено семејство со 200 евра? Нели е срамота деца без струја и вода, гладни да заспиваат? Покрај тоа, имаме потреба од мебел, кревети, бела техника, ниту фрижидер, ниту шпорет, перална, ништо немаме, така сме оставени, препуштени на судбината- појаснува Денис.
Додава дека без проблем би прифатил работа, бидејќи сака да се грижи за семејството и да им обезбеди достоинствен живот. Изминативе три – четири месеци, откако започна кризата, не можел да најде работа. Апелира до хуманите граѓани доколку се во можност да му помогнат, да донираат мебел, бела техника, парични средства за конечно и кај нив да протече вода и да засветат сијалиците.
-Многу е тешко вака, јавно да молиш за помош, за децата да ти имаат нормален живот. Јас барам работа, вреден сум, имам единствено проблем со видот, поради беспарицата не можам ни наочари да си купам, инаку, друг проблем нема, би работел било каква работа за да донесам дома некој денар. Ако некој од Куманово сака да ми понуди работа, слободно нека ме бара. Сопругата, колку и да сака, едноставно не може да оди на работа, мора да се грижи за децата. Во меѓувреме, замолувам уште еднаш за донации за да добиеме вода и електрична енергија, не се издржува вака. Било каков мебел, било што, имаме потреба баш од се за домаќинството. Јасно ми е дека владее криза, но ако некоја општествено одговорна компанија или пак хумани луѓе се во можност, многу ќе ми значи да ни помогнат – раскажа Василевски.
За помош на ова кумановско семејство може да се донира на следната сметка: Сабина Василевска 200 002545685937 Стопанска банка, со назнака донација.
Број за контакт: 077 854 865
Вики Клинчарова