Мора да се договори датум за редовни избори. Еве му еден предлог на Ковачевски. Нека земе бел лист хартија и нека напише кој било датум сака помеѓу двата најголеми верски празника идната пролет и да одржиме парламентарни и претседателски избори на еден трошок, рече денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој во обраќањето на настанот по повод 23 Октомври, Денот на Македонската револуционерна борба и јубилејот, порача дека „обновата ќе дојде, а промените ќе бидат онолку силни, колку што ќе биде силна поддршката“.
Како што оцени Мицкоски, „оваа Влада, преку одбегнување да се договори датум за избори, оди кон свесно предизвикување уставна и политичка криза“.
-Срамота е што преку медиуми се договараме и лиферуваме датуми за редовни избори. Разбирам кога велат дека Ковачевски никој не го слуша во Владата, зашто ниту министрите, вицепремиерите и кај него во партија му имаат почит. Затоа е оддаден на шетање по светот и компаниите. Но, мора да се договори датум за редовни избори. Ќе доживеат жесток пораз и тежок дебакл од народот.
Народот треба масовно, во огромен број да им ја прати пораката на овие избори – нема играње со народот. Народот е посилен од секоја тесна клика и елита која си игра со судбината и ја одзема иднината. Доаѓаат промени. Заветот на Организацијата и поинаквите цели кои мора да ги оствариме се да ја кренемe Македонија на здрави нозе, истакна Мицкоски.