Да нема недела неработен ден во туристичките места, бара ССМ

by Fokus

Сојузот на синдикати на Македонија не се согласува да се донесат законски измени кои би овозможиле недела да биде работен ден во туристичките центри. Постојното законското решение кое е на сила, велат од ССМ, е донесено по пат на дијалог, и тоа овозможува работа и во недела под одредени услови.

-Со законските измени, ССМ и социјалните партнери обезбедија можност специјализираните продавници или киосци во туристичките места под услови со закон да работат, предвидена е и можноста за работа на моловите, штандови и киосци за време на спортски настани, фестивали, саеми, манифестации и слично, а предвидена е и можноста во продавници за трговија на мало со храна, пијалоци и слично работата да ја вршат лично сопствениците на продавниците. Не смее заради тоа што газдите почувствуваа што значи да се работи во недела да им се ускрати таквото право и повторно да се дозволи работниците да им работат, а тие да одмараат, велат од ССМ.

На овој начин, велат од Синдикатот, сметаме дека се покриени сите потреби на туристите во туристичките места од аспект на трговските услуги. Потсетуваат дека оние работници кои ќе бидат ангажирани за работа во недела имаат право на додаток на плата за работа во недела и за празници најмалку во висина од 100 проценти за секој час поминат на работа, како и право на неделен одмор во друг ден од неделата.

Законот за изменување и дополнување на Законот за трговијата, додаваат од Синдикатот, беше донесен по пат на социјалниот дијалог и како репрезентативен социјален партнер, ССМ очекува доследно да се почитуваат Законот за трговија и ЗРО вклучително и во делот на законските измени за недела – неработен ден и да не се озаконуваат незаконитостите.

-Најавениот Предлог-закон од Министерството за економија доколку е доставен до Собранието тоа е сторено без социјален дијалог и претставува потценување на претставниците на работниците и работниците во целина што е недозволиво, потенцираат од ССМ.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија, најавуваат дека, како и во случаите на предходните иницијативи од други политички субјекти, и во овој случај ќе покренат иницијатива до Собранието за законско решение со кое ќе побара да им се дозволи право на дополнителна работа од осум часа неделено кои задолжително ќе се одработуваат во недела за функционерите кои размислуваат да поднесат Предлог – Закон за изменување и дополнување на Законот за трговија во делот недела неработен ден.

Поврзани новости