Собранискиот спикер Талат Џафери и пратениците да го повлечат дневниот ред на утршената седница во Парламентот на кој треба да се најдат девет предлог-измени на закони поврзани со Коридорите 8 и 10, кои ќе се носат по скратена постапка, бараат од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, која брои 18 членки.
Од таму велат дека ниту пратениците, ниту на граѓаните и на стручната јавност им е оставено доволно време за да проценат во колкав обем се зголемуваат ризиците од корупција со предложените измени.
„Измените се за начинот на кој граѓаните ги стекнуваат и уживаат своите права, работничките, сопственост, механзмите за заштита на животната средина, културното наследство, фискалните импликации и ослободувања. Потребно е повеќе време и сеопфатна расправа за да се утврди на кој начин треба да се забрзаат овие постапки заради тоа што од она накусо што може да се види од предложените измени не се забрзуваат само роковите туку има и измена на постапките“, велат од таму.
На утрешната собраниска седница која е закажана за 11 часот треба да се расправаат предлог измените на законите за земјоделски земјиште, експропријација, заштита на културно наследство, урбанистичко планирање, минерални суровини, работни односи, шумите, градење, како и за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на Коридорите 9 и 10. Тие се предложени од пратеници од мнозинството.