Да не се крева паника, метапневмовирусот е стар вирус и да не се очекува да биде нов ковид, вели Мехмедовиќ

by Fokus

Нема простор за паника, метапневмовирусот е стар вирус и не треба да се очекува дека ќе биде нов ковид-19, вели во изјава за МИА портпаролот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ.

„Вирусот е стар. Вообичаено циркулира во зимските месеци. Не треба да се очекува дека ова ќе биде новиот ковид-19 и не треба да се крева паника дека ова ќе биде нешто што повторно ќе се репризира – налик она што беше 2020 година кога се ширеше САРС-КОВ-2“,вели Мехмедовиќ.

Вакцина за овој вирус не постои, вели Мехмедовиќ, а нагласува дека смртноста од него е исклучително ниска, многу пониска од таа на грипот.

„Компликациите од овој вирус се исклучително ретки. Вообичаени се кај деца под две години или кај лица со нарушен имунитет“, додаде Мехмедовиќ.

Симптомите се како кај грипот – секреција, кашлање, кивање, телесна температура, болки во зглобови. Метапневмовирусот најчесто се пренесува преку близок контакт, преку допир на контаминирани предмети па потоа допирање уста, нос, очи. Вообичаено дава горнореспираторни симптоми, поретко долнореспираторни.

Засега нема најава за заседавање на Комисијата за заразни болести.

Како што јавија грчките медиуми, во соседна Грција е регистриран првиот потврден случај на метапневмонија, односно на вирусот ХМПВ. Пораките од тамошните водечки научници се смирувачки – нема простор за паника бидејќи станува збор за познат вирус.

Според грчкиот национален радиодифузер ЕРТ, случајот е регистриран на подрачјето на Солун кај 71-годишен маж, кој бил хоспитализиран и интубиран во болницата „Папаниколу“ со симптоми на пневмонија.

Пациентот првично бил препратен на приватна клиника, но поради сериозноста на состојбата бил префрлен во болницата „Папаниколу“, каде што поради влошената здравствена состојба е интубиран. Според информациите на кои се повикува грчкиот весник, мажот бил тестиран, по што кај него бил дијагностициран вирусот ХМПВ, кој во моментов бележи пораст во Кина и се лекува во изолација.

Грчките медиумите јавуваат дека мажот најверојатно се заразил од својата ќерка која била на неколкудневен одмор во Кина. Неколку дена откако се вратила, на нејзиниот татко му се влошила здравствената состојба.

Поврзани новости