Да им се одземат лиценците на пет вештаци бара Обвинителството, бидејќи, како што обвинуваат, изготвиле непрофесионални вештачења за еден од предметите на поранешното СЈО, односно наместо како економисти се однесувале дека се судии.
Ова е накратко забелешката на Обвинителството за вештаците кои биле ангажирани од одбраната во случајот „Топлик“, односно за изградбата на „Сончев град“, во кој меѓу обвинетите е и екс министерот Миле Јанакиески.
Имено, како што дознава „Фокус“, Обвинителството испратило предлог до Министерството за правда, со кое го известува дека вештаците се однесувале непрофесионално, односно наместо да дадат мислење како економски вештаци, тие се ставиле во улога на судии.
-Доставените стручни мислења се изготвени несовесно и непрофесионално, а со цел незаконски да се издејствува судска пресуда во корист на обвинетите, се образложува во предлогот на Обвинителството.
Оттаму појаснуваат дека вештаците во едно од вештачењата навеле: „Правните дејствија кои се преземени од страна на Министерството за транспорт и врски не претставуваат елемент на кривично правен настан на штетни последици на Буџетот во РМ“.
Од Обвинителството појаснуваат дека од напишаното произлегува дека вештите лица иако се економисти по професија си дозволуваат да се стават на позиција на суд и правно да ги квалификуваат дејствијата на обвинетите, што според нив, е очигледно непрофесионално постапување.
Во друго вештачење, за истиот случај, пак уште еден вештак, според обвинителот, непрофесионално постапил, бидејќи навел: „Не постои вина на обвинетиот Миле Јанакиески“ и констатацијата „Нема оштетен како субјект на правниот однос“.
-Ова е недозволиво затоа што иако е економски вештак, се става себе си во улога на суд а неговото вештачење наликува на пресуда, наведува обвинителството во поднесениот предлог.
Од Обвинителството навеле и други цитати од вештачењата, за кои сметаат дека имале за цел да ја опструираат постапката и незаконски да се ослободат обвинетите.
„Не постои одговорност на Министерството и на обвинетиот“, е уште една од спорните констатации на вештаците.
На судењето на „Топлик“ овие вештачења не биле прифатени, односно биле одбиени од судот, но тоа според Обвинителството не ги ослободува од одговорност вештаците, кои според обвинителството, го прекршиле членот 3 од Законот за вештачење, поточно ги прекршиле начелата на непристрасност и професионалност.
„Фокус“ чека одговор од Министерството за правда за тоа дали ќе го разгледаат предлогот и дали ќе постапуваат по него.
Случајот „Топлик“, кој го отвори СЈО, иако беше пред самиот финиш, неодамна почна од почеток. Повторениот старт следуваше по завршувањето на мандатот на еден од поротниците, поради што беше назначен нов.
Според обвинението за случајот „Топлик“, првоосомничениот Миле Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.
Од доказите, според обвинителството, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, тоа се обврзало во износ од еден милион евра да му исплати долг и затезна камата на правното лице „Сан сити“.
Во овој случај обвинети се уште петмина вработени во Министерството за транспорт и врски.
Валентина Вурмо