Наместо формулата македонскиот народ и делови од народи, да ги наброиме припадниците на нациите што ја сочинуваат Македонија: Македонци, Албанци, Турци, и така по ред, во зависност од нивната бројност, вклучувајќи ги и Бугарите
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
Мислам дека треба да се напушти овој тивок и срамежлив пристап кон промените на Уставот зашто прашањето е посериозно од правната формулација. Ова не е само правно, туку е, пред сѐ, политичко прашање.
Не треба да се правдаме со тврдењето дека сѐ ќе остане исто, само ќе додадеме нови национални заедници како „делови од народи“. Ништо во нашите животи не останува исто. Ако не верувате, погледнете си ги фотографиите од матурската вечер, напишал некој.
Така и со Македонија, која се менува согласно променетите времиња. Замислете се за момент врз оваа полска поговорка и споредете ја со Македонија, од турско до денес: „Ова е секирата на дедо ми. Татко ми го смени сечилото, а јас ја сменив дршката“.
Треба, јасно, гласно и со крената глава, да се каже дека со додавањето на новите етнички заедници го остваруваме нивното право и тие да се во Уставот. Со тоа се затвора едно важно поглавје од демократскиот развој на земјата и се отвора ново.
Го затвораме поглавјето за тоа што нѐ прави различни и во кое се инсистираше посебното, различното, да биде со Устав загарантирано. Отвораме ново поглавје за она што нѐ обединува. Тој „лепак“ е ЕУ и вредностите на државите во кои се живее во слобода, достоинство и просперитет. Тоа го сакаме и за нашите граѓани.
Како новодојденци на меѓународната сцена мора да се прилагодуваме за да опстанеме како мала држава. Можеме да кажеме дека не е во ред една држава да условува друга со промена на Уставот (како што не беше во ред држава да бара промена на име на друга држава), но меѓународната политика има поинаква логика од логиката заснована на морал.
ШТО НЀ ОБЕДИНУВА?
Значи, принудени сме да го земеме предвид фактот дека нѐ чека вето од држава-членка на ЕУ. Но, на уставните измени можеме да гледаме и на еден поинаков начин: ние, промената ја правиме од наша добра волја.
Имено, нашиот вистински мотив е да се состави мултиетничкиот мозаик на рамноправни народи, кои стојат исправени во еднаквост и достоинство. Да повторам, на еден чекор сме до завршување со она што „нѐ дели“ како различни народи под еден политички покрив.
Истиот момент, по уставните промени, дадена ни е шанса да отвориме нова страница во историјата на Македонија за тоа што нѐ обединува. Што е тоа што обединува слободни и рамноправни народи запишани во преамбулата на нашиот Устав?
Одговорот е едноставен. Нѐ обединува: добро здравство, добро образование, правда, добро судство, добриот воздух, добри плати, среќна младост, достоинствена старост… Нѐ обединуваат вредностите на слободата и на демократијата. Тоа може да го оствариме само преку членство во ЕУ.
Членките на ЕУ, пак, со апелите да го смениме Уставот, повторно ни порачуваат да им помогнеме за да ни помогнат. Имено, ако не го сториме тоа и не тргнеме по патот што ни го отворија со францускиот предлог, ќе заглавиме.
Ќе заглави мала држава, која нема моќ и влијание во меѓународната политика, а нема ни време за губење. Изолација? Самото запирање на процесот на придружување е изолација од Европа.
Таквата изолација ќе има тешки внатрешни последици зашто шансите дека нашата држава ќе западне во криза се огромни, дури би рекол дека кризата, политичка, меѓуетничка и економска, е неизбежна. Ниту една партија да не мисли дека ќе може да управува со таква држава.
ГРДА ФОРМУЛАЦИЈА
А сега, за уставната промена. Се сеќавам дека сегашната формула за текстот на преамбулата на нашиот Устав се усвои во една трескавична, панична атмосфера во 2001, кога некој викна во парламентот дека нема „македонски народ“.
Се стави „македонски народ“, но за да се задоволат аспирациите за рамноправност на другите национални заедници се внесе формулацијата „делови од народи“. Така Македонците можеа да кажат дека ние сме „народ“, а тие се „делови“, а Албанците и другите помали заедници можеа да кажат „ама и ние сме народ како и вие“.
Таа формулација треба да ја пратиме во историјата зашто е грда и наликува на распарчена држава, наликува на делови од несоставен мозаик. Треба да направиме чекор напред и да составиме еден убав мозаик. Како?
Така што, наместо формулата македонскиот народ и делови од народи, да ги наброиме припадниците на нациите што ја сочинуваат Македонија: Македонци, Албанци, Турци, и така по ред, во зависност од нивната бројност, вклучувајќи ги и Бугарите.
Сегашната формулација почнува со реченицата „Граѓаните на Република Северна Македонија, па продолжува нелогично со, македонскиот народ и делови од народи…
Ни треба формулација во која ќе се слуша ехото на Илинден и на АСНОМ. Притоа да ја вратиме убавината на зборот зашто и убавиот збор обединува.
Затоа треба да ги симнеме оградите што се во постоечката формулација „делови на“ и да ги исправиме народите и граѓаните на Македонија гордо во рамноправност, слобода и достоинство во својата заедничка држава.
Се разбира, остануваат гаранциите од нормативниот дел, кои спречуваат мајоризација на најбројната заедница врз другите, изворот на сите етнички војни во поранешна Југославија и на онаа во Македонија од 2001 година.