Да бидат посветени и да му помогнат на секој словенечки граѓанин, им порача министерката Петровска на војниците

by Fokus

Сто припадници на македонската Армија од денеска ќе бидат распоредени на неколку критични точки во Словенија, каде ќе им помагаат на своите словенечки колеги за расчистување на теренот по катастрофалните поплави кои ја зафатија земјата минатите денови и кои направија штета од неколку милијарди евра.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски вчера ги посетија војниците кои ќе заминат во Словенија како поддршка на словенечките сили во справувањето со последиците од големите поплави.

Министерката на војниците им порача да бидат посветени и да дадат се од себе исто како што нашите словенечки пријатели и помогнаа на Македонија за време на големите пожари кои ја зафатија земјава пред две години.

„Словенија е еден од нашите најблиски сојузници и тие денеска имаат потреба од вас, вашата посветеност , вашата професионалност. Со вашата подготвеност да заминете веднаш покажувате дека сте вистински зштитник не само на македонските граѓани, туку и на граѓаните на сите сојузнички држави. Ви благодарам што како и многупати досега и овојпат го прифаќате предизвикот тргнувате мотивирани и волни да му помогнете на словенечкиот народ. Северна Македонија и Словенија се пријателски држави и во тоа име правиме се што е во наша моќ да помогнеме“, рече Петровска.


Сто македонски војници ќе заминат во Словенија за да помогнат со расчистување на теренот по катастрофалните поплави

Началникот на Генерал-штабот Ѓурчиновски кажа дека земјава има историска обврска и можност да возрвати на пријателскиот словенечки народ.

Македонските војници беа подготвени уште вчера да заминат за Словенија, но се чекаше одржувањето на Владината седница за да се официјализира помошта.

Петровска вчера рече и дека биле побарани и технички средства и материјална поддршка, но во овој момент нашата земја не била во можност да одговори. Според неа доколку во иднина се испратат барања на кои ќе може да одговориме, Министерството за одбрана ќе реагира.

Во поплавите предизвикани од силното невреме кое ја зафати Словенија загинаа најмалку шест лица, а  материјалните штети се очекува да достигнат неколку милијарди евра.

Фото: МИА

Поврзани новости