Елеонора, Димовска ќерка на чиј татко д-р Јовев му трансплантираше ново срце имаше што да му каже на министерот за здравство Фатмир Меџити кој вчера објави дека го разрешува од директорската позиција кардиохирургот Сашко Јовев.
Таа на својот фејсбук профил сподели објава:
„Во принцип на мојов профил најчесто гледате објави поврзани со шминка, и избегнувам да давам коментар на вакви теми, но овојпат оваа тема многу ме погодува, ме боли! Па затоа решив нешто да Ви кажам. Дали знаете кој е проф. д-р Сашко Јовев? За тие што не знаете, еве јас ќе Ви кажам.
Проф. д-р. Сашко Јовев до пред некој час директорот на Кардиохирургија е најуспешниот кардиохирург на нашиве простори, па и пошироко. Личноста која ги предводеше сите трансплантации на срце во нашата држава, спаси и продолжи безброј животи, е таа личност денес е разрешена од страна на НАДЛЕЖНИТЕ.
Ако се прашувате зошто и од каде ми е правото јас да зборувам на темава еве и тоа ќе Ви го кажам, пред 9 месеци беше направена последната трансплантација на срце, а личноста која го прими срцето беше мојот татко. Па оттука можам да зборувам за она што го направил професорот.
Од една страна за жал, а од друга за голема среќа долг период секое утро, повторувам СЕКОЕ УТРО по неколку часа поминувавме во просториите на државната кардиохирургија, и сведочевме на ангажираноста на професорот, сведочев дека ниту еднаш не пропушти визита, немаше момент некој од пациентите да го побара, а он да не е присутен, но по зборовите на НАДЛЕЖНИТЕ, можеби и операцијата на татко ми од дома ја правел, не работел ништо 10 години.
И не, не го кажувам ова за да го бранам професорот, го кажувам ова затоа што не можам да си поверувам каде живеам, во држава каде што се разрешуваат луѓето кои спасуваат животи.
И знаете ли што ми е најголем проблем, тоа што познавајќи го професорот и целиот тим кој што е покрај него после ова ќе ја продолжат нивната кариера негде каде што ќе ги ценат, негде каде што ќе ги почитуваат, негде многу далеку од нашава Македонија, и тука нема да остане стручно лице кое ќе знае да го одржува во живот срцето на татко ми, срцата на сите трансплантираните, срцата на оние кои чекаат трансплантација, ако воопшто ја има во иднина.
Затоа што нивната работа не завршува кога ќе излезеш од болница, на располагање за 24 часа 365 дена во годината, секојдневно ја контролираат терапијата и ја дозираат. И сега навистина сум загрижена кој ќе ја преземе нивната работа, кој ќе го одржува во живот татко ми? Или твојот татко, мајка, сестра, брат, сопруг, сопруга…?
До кога ќе молчиме и ќе си прават кој што сака? До кога стручните лица ќе ги бркаме и ќе ставаме на позиција луѓе кои немаат допирна точка со позицијата, прочитавте? Новиот раководител на кардиохирургија е кардиолог, повторувам кардиолог е раководител на кардиохирургија, а не КАРДИОХИРУРГ.
Искрено се надевам дека сите оние кои учествувале во одлукава се молат еден ден нивниот или животот на нивните блиски да не зависи од РАЗРЕШЕНИОТ, затоа што благодарение на нив, нема да биде тука!“ се вели во објавата на социјалните мрежи.