„Македонија! Тие имаат ритам, седум осмини, девет осмини, волшебна хармонија, имаат тапанари, имаат и гитаристи, Влатко Стефановски! Бескраен талент!“
Со овој цитат од новиот роман „Солунска 28“ (III дел), на легендата на популарната екс-ју група „Забрането пушење“ и на култната ТВ-серија „Топ-листа на надреалистите“, д-р Неле Карајлиќ, се истакнува неговата поврзаност и љубовта со нашата земја и музика. На промоцијата, која се одржа вчеравечер (18 април), на преполниот штанд на издавачката куќа „Арс Ламина“, во рамките на Саемот на книгата 2024 во арената „Борис Трајковски“, Скопје, беше претставен последниот роман од трилогијата „Солунска 28“. Овие три изданија, како и првата книга на Карајлиќ, „Фајронт во Сараево“, се во издание на „Арс Ламина“.
Приказната за една куќа, еден град и два света, Карајлиќ ја заокружува со третиот дел насловен како „За сексот, дрогата и рокенролот“. Овој роман говори за експлозијата на рокенролот во поранешна Југославија, чиј симбол беа токму сексот, дрогата и рокенролот. Приказната во третото продолжение е лоцирана во осумдесеттите години на минатиот век и главно ја проследуваме низ перспективата на Милан Јанковиќ.
– Се радувам на секое навраќање во Македонија. Половина живот го имам „оставено“ во Скопје. Доаѓав често уште пред да станам популарен, тука служев војска (на аеродромот Петровец), а кога почнав да се занимавам со музика, Скопје беше од оние градови каде што не доаѓавме само да отсвириме туку и да се забавуваме и да поминеме некое време. Но, ова доаѓање во Скопје беше поинакво, бидејќи по првпат за да стигнам до хотелот ми беше потребна навигација. Таа во еден момент ме „издаде“ и го промашив хотелот. Последниве неколку години градот толку многу се изградил и се променил, што буквално се чудев каде дојдов? Шегата настрана, за мене секое доаѓање во Скопје е празник. Ги обожавам и Скопје и Македонија, а тоа не пропуштив да го споменам и во мојата нова книга „Солунска 28“ (III дел). Всушност, еден од музичарите во бендот кој „ја спаси Југославија“ е Трајче од Македонија. Првите два дела на „Солунска 28“ се сместени во тежок историски период – првиот за време на Првата светска војна, а вториот во Втората светска војна. Два многу лоши периоди за Белград (каде што се одвиваат случувањата во книгата) и за целиот регион и свет. Но, третиот роман решив да го сместам во најубавата доба – за време на експлозијата на популарната култура – осумдесеттите години. На нив, јас и мојата генерација се сеќаваме со носталгија. За нас, тоа беа најсреќните години, иако историските факти кажуваат дека тоа не беа ниту малку лесни. Југославија тогаш поминуваше низ економска, општествена и политичка криза, што на крајот резултираше со страшна војна и распад на Југославија. Верувам дека во тоа романтизирање на тие години голем удел има рок-музиката, која е прв облик на музичко и уметничко изразување, кое ги ангажира и ги поттикнува фановите на општествен ангажман, да се бунтуваат против неправди, војна, корупција… Рок-музиката инспирира движење, не само во Југославија туку и во целиот свет. Во книгата пишувам за своите искуства од случувањата во осумдесеттите години, кои ги доживеав занимавајќи се со музика и уметност. Сведоштвата се од прва рака, за разлика од настаните во првите две книги, за кои морав да се консултирам со историски факти и записи. Оваа книга е носталгичен поглед кон осумдесеттите години, години на секс, дрога и рокенрол – рече д-р Неле Карајлиќ, кој откри дека работи на нова музика, но и на нова книга, овој пат за познатиот научник Никола Тесла.
Уредничката на книгата, Татјана Димовска-Атанасова, рече дека со овој дел е ставена точка на приказната за судбината на една дорќолска адреса и неколку генерации кои живееле тука, но отворено е ново поглавје во создавачката биографија на човекот кој веќе четири децении пее, компонира, глуми, режира и пишува ли пишува.
– За сето тоа време, д-р Карајлиќ со својата непресушна смисла за хумор ни ги олеснуваше разбирањето и поднесувањето на светот во кој многу почесто се занимававме со преживување отколку со уживање во животот. Тоа беше ќеф на госпоѓата Историја. Но, д-р Карајлиќ не би бил д-р Карајлиќ ако во својата сага за еден град и две и пол светски војни не ја зграпчи таа иста Историја онаму каде што е најтенка и не ја преврти наопаку. Оттука, завршниот дел на „Солунска 28“ можеме да го читаме и како некој вид обратно пророкување на сатиричарот-пророк, кој видел што ќе ни се случува многу пред навистина да ни се случи тоа. Сега е пред нас моќен уметнички поглед на неодамнешното алтернативно минато во кое крвавиот распад на Југославија е избегнат благодарение на довербата на сите нејзини народи и народности во рокенролот. И немојте да мислите дека се работи за измислици, затоа што откако ќе ја прочитате последната реченица на последниот дел на „Солунска 28“, ќе сфатите колку ви е жал што светот од имагинацијата на д-р Карајлиќ не станал стварност. Иако, никогаш не се знае – рече таа.
На најголемата книжевна манифестација, која се одржува од 18 до 24 април, во арената „Борис Трајковски“, Скопје, „Арс Ламина“ се претставува под слоганот „Влези во бајка“.
Оваа година на посетителите им нуди над 1.000 изданија, попусти до 80 % на најбараните наслови, книги за 60, 100, 150 и 200 денари, како и многу саемски новитети – интернационални бестселери, сликовници и книги за деца. На програмата се промоции на книги, потпишување и дружба со авторите, како и работилници за деца.
Утре (сабота, 20 април), дружбата со читателите почнува во 11 часот со работилницата за деца „Мојата прва библиотека“, инспирирана од истоимената публикација со 31 книга за почетно читање. Настанот ќе биде под менторство на авторката Деспина Мукоска и илустраторката Калиопи Трпчева. Во 13 часот, под наслов „Џабе си у Скопје, ако не цепаш на Саем“, ќе се одржи потпишување книги и дружба со Зоран Спасов-Ѕоф, авторот на хит-изданијата „Цепај сине“, „Џабе живиш у Скопје“, „Торонто експрес“, „Тито, мојот претпоследен херој“.
Во 18 часот на програмата е промоцијата на книгата „Подоцна“ од Маријан Бошевски, чии промотори ќе бидат Ана Мартиноска и Татјана Димовска-Атанасова.
Еден час подоцна, на саемскиот Промо-центар, во организација на „Арс Ламина“ ќе се одржи промоција на книгата „Скарбо“ со сите раскази за возрасни на Јадранка Владова. Промотори на изданието ќе бидат Оливера Ќорвезироска, Татјана Б. Ефтимоска и Александар Прокопиев.
Во недела (21.04), во 11 часот, на штандот на „Арс Ламина“ ќе се одржи работилницата „Магијата на Мирабела и Исидора Мун“, инспирирана од омилениот серијал за деца од Хариет Мункастер.
Во 12 часот, ќе почне костимираниот настан „Волшебниот свет на Хари Потер“, поттикнат од популарните книги на Џ. К. Роулинг.
Во саемскиот Промо-центар, во 14 часот е закажана промоцијата на книгата „Прирачник за солиден живот“ од српската авторка Оливера Зуловиќ. Книгата е добитник на наградата на „Политикин забавник“.
Во 15 часот, на штандот на „Арс Ламина“ ќе се одржи настанот „На кафе со авторите“, на кој книги ќе потпишуваат авторите: Јована Матевска Атанасова – „Риба во(н) мрежа“ и „Шарени ириси“, Срѓан Ивановиќ – „Писма од лудница“ и Андреа Мирческа – „Девојката што ја наслика смртта“.
Популарниот стендап-комичар Марјан Георгиевски ќе ја промовира својата прва книга „Железно небо“, во 18 часот, на штандот на „Арс Ламина“. Промотор ќе биде Димче Николовски.
Со работилницата за деца „Како се прави џиновска сликовница?“, во 11 часот, ќе почне програмата на 22 април (понеделник). Во 17 часот е закажано потпишувањето на поетските книги на Катица Ќулавкова („На врв на јазикот“) и Зоран Анчевски („Коњски житија“) (штанд на „Арс Ламина“), а во 18 часот ќе се одржи промоција на книгата „Страшни приказни“ од Сузана Камберова. Промотори на изданието, објавено во едицијата „Пегаз“, ќе бидат Оливера Ќорвезироска и Бисера Бендевска.
Во чест на Светскиот ден на книгата, 23 април, издавачката куќа „Арс Ламина“ организира низа настани. Во 11 част, на штандот ќе се одржи работилница за деца инспирирана од кампањата за поттикнување на читачките навики кај децата „Читањето е супермоќ“, а во 17 часот познатиот поет Никола Маџиров ќе ја потпишува својата прва книга за деца – „Рокчето“. Во 18 часот, во Промо-центарот, „Арс Ламина“ организира панел во чест на Светскиот ден на книгата, „Светската книжевност објавена на кирилица“, на кој ќе учествуваат Никола Маџиров, Владимир Јанковски, Оливера Ќорвезироска и Бисера Бендевска.