Директорот на ЈЗУ УК за торакална и васкуларна хирургија д-р Неџат Јакупи во изјава за „Фокус“ вели дека повредениот Раде Трајковски – Штекли, човекот кон кој вчера беше пукано во трговскиот центар Ист Гејт во Скопје е опериран и е во стабилна состојба.
„Трајковски е опериран на Торакална клиника, изваден му е дел од белодробното крило. Имаше прострелни рани и на рамото, сега е во стабилна состојба и ќе биде префрлен на Интензивна на КАРИЛ“ – изјави д-р Јакупи.
Познаникот на Трајковски, Д.Т. кој исто така беше погоден од куршуми во вчерашниот напад, се уште е во болницата „Св. Наум Охридски“ во Скопје.
Според информациите, и двајцата засега се во стабилна состојба, иако повредите се сериозни.
Полицијата се уште трага по нивниот напаѓач.
„На 24.10.2023 околу 15 часот од трговскиот центар Ист Гејт во Скопје во СВР Скопје е пријавено дека било пукано кон две лица кои се здобиле со повреди и веднаш се упатени полициски екипи за расчистување на случајот. Утврдено е дека машко лице со пиштол пукало кон Р.Т. (36) и Д.Т. (23) од Скопје. На повредените им е укажана лекарска помош во ГОБ “Св. Наум Охридски“. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и расчистување на случајот“, информираат од МВР.
Ирена Мулачка