Д-р Илир Демири од Инфективната клиника, кој е член на Комисијата, рече дека луѓето не треба воопшто да се опуштат дека омикрон варијантата е полесна.
– Омикрон варијантата е полесна во поголемиот дел од инфицираните, меѓутоа не заборавајте дека добар дел од тие кои лесно ја поминуваат се вакцинирани. Кај одредена популација која не е вакцинирана омикронот знае да има тешка клиничка манифестација.
Во моментот работиме со исполнети капацитети. Во координација сме и со други ковид центри. Бројот на пациенти кои имаат потреба за хоспитално лекување е значително зголемена. До денеска немам евидентирано ниту еден пациент кој е починат од Ковид-19, кој е редовно вакциниран без коморбидитети, а сум сведок на многу пациенти без коморбидитети, невакцинирани кои починале, рече д-р Демири.
Тој апелираше до граѓаните дека единствената мерка која би не заштитила и за полесно да се помине Ковид-19 е вакцинацијата.
– Граѓаните треба да се вакцинираат, бидејќи моментално тоа е спас од Ковид-19, додаде д-р Демири, одговарајќи на новинарски прашања.