Д-р Нацева-Фуштиќ по наводите на Игор Пехчевски: Контакти со новинари може да остварува надвор од болницата

by Fokus

Директорката на Клиниката за детски болести, Стојка Нацева-Фуштиќ за обвинувањата на пациентот Игор Пехчевски кој боледува од цистична фиброза, дека го условила неговото лекување со неконтактирање со новинари додека е во болницата вели тој мора да ги почитува правилата.

Д-р Нацева-Фуштиќ во изјава за „Макфакс“ рекла: За мене сите пациенти се еднакви!

„Игор е возрасен пациент – 32 години и по возраст не припаѓа на Клиниката за детски болести, туку на Клиниката за пулмологија. Но бидејќи секогаш им излегувам во пресрет на пациентите, во услови на немање место за прием на Клиниката за пулмологија, по неговото јавување го примивме на Клиниката за детски болести за да му помогнеме бидејќи не се чувствувал добро. На Клиниката за детски болести треба да ги почитува правилата на болницата и за сите активности треба да биде информиран Раководителот на одделот или Директорот. Контактите со новинари може да ги остварува надвор од болницата“, изјавила Нацева-Фуштиќ за „Макфакс“.

Докторката информира дека отпусната листа на пациентите им се дава на денот на испис од болница, а истата на Пехчевски му ја дале на 14. со датум од 18. април во случај да се премисли и да си оди порано.

Во врска со терапијата, таа тврди дека на Пехчевски, терапија не му е ускратена.

„Никој не му ускратил 2 дена терапија. Ви одговорив дека терапијата може да трае и помалку и повеќе, во зависност од состојбата на пациентот. А Игор беше во стабилна состојба и ако не му значат Велигденските празници (ми кажа дека е голем верник), му реков дека може да остане до 18.04. (како што му е во отпусното писмо). Неговата болничка историја не е затворена“, додава Нацева-Фуштиќ.

Пехчевски пред неколку дена ја обвини Нацева-Фуштиќ дека му се заканила дека ако дава изјави за лекот „трикафта“, за него нема да има место во болницата за лекување.

Поврзани новости