Новите дополнителни рестриктивни и превентивни мерки кои вчера беа донесени се од голема важност за здравствените работници кои веќе цела година на свој грб го носат товарот од справувањето со пандемијата – за ,,Фокус” вели д-р Диме Коцев, директор на кавадаречката болница, во чиј склоп функционира и ковид центарот.
Таму се хоспитализираат позитивни пациенти од Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Росоман, но и од Валандово.
Медицинските лица кои работат со ковид позитивните пациенти, ризикувајќи го сопственото здравје и живот, но и на своите најблиски, се преморени, и покрај тоа што остануваат во првите редови.
-Се надевам дека не само мерките, туку и максималната лична одговорност на секој поединец ќе вродат со плод! Тоа е нашата надеж, за да може барем малку да се растеретат напорите на здравствените работници, оти и тие се на работ на издржливост, преморени се, ова предолго трае – вели д-р Коцев.
Тој информира дека од започнувањето со работа на ковид центарот во Кавадарци, биле хоспитализирани дури 430 пациенти од Кавадарци, 296 од Неготино и двајца од Валандово.
Тоа се високи бројки, а секој случај поединечно бара голема нега и посветеност од страна на медицинарите.
Голем е бројот на здравствени работници кои секојдневно се огласуваат и буквално молат за разбирање и соработка од страна на јавноста, се апелира на воздржување од собири и групирање, и се бара соработка од секој поединец.
И покрај сериозноста на состојбата со вирусот во Тиквешијата, сепак редовно се регистрираат прекршувања на мерките за заштита. Вчера на пример, во Демир Капија е пријавена тепачка во угостителски објект, за време на викендот дури 47 лица во Кавадарци биле евидентирани како шетаа без заштитни маски, а пак минатата недела беше растурена и забава во викендичка.
Вики Клинчарова