Министерот за надворешни работи Никола Димитров вели дека ситуацијата со преговорите со Грција се менува секојдневно и од тоа зависи оптимизмот за евентуално решение. Македонија, посочува тој, прави се да се дојде до достоинствен компромис кој така ќе биде доживеан од двете страни. Не се плашиме, посочува, да им погледнеме на проблемите во очи, но не зависи се од нас.
– Не е се во наши раце. Се обидуваме да најдеме решение што ќе ги покрие грижите на двете страни во смисла на дистинкција меѓу државата Македонија и регионот Македонија во Грција, но дистинкција што ќе биде достоинствена и нема да навлезе во идентитетските прашања на двете страни. Две европски држави во 21 век кои споделуваат географски регион Македонија треба и мора да најдат начин како да споделуваат и такви културни наследства, дури и тогаш кога под поимот подразбираат различни работи или ставаат различен акцент – рече Димитров одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата со неговиот полски колега Јацек Чапутовиќ.
Ако се суди по она што го направивме со договорот со Бугарија, Додаде Димитров, може да се види дека македонското општество не се плаши да затвора тешки прашања и да им гледа директно в очи на проблемите.
– Ние ќе направиме се што можеме, мене како министер за надворешни работи ми е задача да бидам оптимист дури и тогаш кога сакам повеќе аргументи од оние што денес ги има, меѓутоа ситуацијата и чувството кај мене прво како граѓанин, а потоа како одговорен, односно меѓу одговорните за ова прашање се менува практично дневно, истакна Димитров.
Додаде дека иако јавноста има потреба да биде запознаена со текот на преговорите, не е добро јавно да се пласираат сите информации.
Прашањето за името ќе биде една од главните теми на средбата со американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел, кој утре доаѓа во Македонија, изјави денеска шефот на македонската дипломатија.
Извор: МИА