„Чуварот“ на трите стана на Груевски „чува“ и цела зграда за Мијалков?

Станува збор за објект со површина од скоро 2 илјади квадрати во сопственост на „ССИ Инвестмент“, која е регистрирана на иста адреса со фамозната „СГС“, а своевремено подигнала кредит со помош на „Бест Беј“ на Мијалков.

by Фокус

Судскиот процес „Плацеви на Водно“ доби неочекуван тек по сведочењето на бизнисменот Орце Камчев дека за поранешниот премиер Никола Груевски се чуваат 3 ексклузивни стана во комплексот Панорама, како замена за плацевите на Водно што се споменуваа во „бомбите“.

Инаку, споменатите станови се во формална сопственост на компанијата формирана во 2010 година „ССИ Инвестмент“ во сопственост на зетот на Камчев – Мето Стојчевски, кој, исто така, сведочеше дека трите стана му ги чувал на Груевски и дека, како што рече, не ги чувствувал за свои.

Воедно, Стојчевски на рочиштето спомена и зграда во центарот на Скопје, која, исто така, е во сопственост на „неговата“ „ССИ Инвестмент“, меѓутоа, истакна тој, и оваа зграда не ја чувствува за своја. За која зграда станува збор и со кого се поврзува?

ПАРЦЕЛА ОД 500 КВАДРАТИ

Се работи за објект во строгиот Центар, спроти зградата на „Виена Осигирување“, или позната како ЗОИЛ.

Податоците од Катастарот на недвижности покажуваат дека парцелата е со површина од над 500 квадрати, додека објектот на 3 ката има внатрешна површина од скоро 2 илјади квадрати.

Своевремено, на иста адреса беше седиштето и на авиокомпанијата АД „Авиоимпекс“, која всушност го поседуваше овој објект проценет на 65 милиони денари, пред да го стави на продажба во рамки на стечајната постапка.

НА ИСТА АДРЕСА СО „СГС“

Според податоците од Централниот регистар, во овој објект се наоѓа и седиштето на компанијата што го поседува  – „ССИ Инвестмент“, но, исто така, тука се регистрирани уште неколку фирми…

Една од нив е добро познатата компанија за обезбедување „СГС“, која е активна до ден денес, па дури и се уште добива тендери од разни институции.

 

Официјално, компанијата е во сопственост на Дејан Кировски, но „бомбите“ своевремено открија дека управителот Мирољуб Давидов постојано се координира со Мијалков за деловни одлуки на фирмата.

КРЕДИТ СО „БЕСТ ВЕЈ“

За врската со Мијалкови, говори и една објава што ја пронајдовме во Службен весник од средината на 2017 година, која всушност претставува нотарски акт склучен меѓу „ССИ Инвестмент“ и „Бест Веј Инвестмент“, во сопственост на синот на Мијалков – Јордан Мијалков.

Имено, се работи за договор за хипотека со една банка за обезбедување на кредит од милион евра, при што „ССИ Инвестмент“ е должник-кредитокорисник, а „Вест Веј“ е хипотекарен доверител.

Притоа, заложното право е засновано токму врз споменатиот објект спроти ЗОИЛ, кој, според сознанијата на Фокус, е опфатен и во предметот „Империја“.

Влатко Стојановски

Поврзани новости