Борбата со криминалот и корупцијата, го сакале тоа или не, ќе биде основниот услов за сите други реформи во државата. Сега засега, извесно е дека ДУИ, СДСМ и ДПМНЕ се сложни во стремежот да направат сѐ што е во нивна моќ ова прашање да се забошоти и да се одложи за некое „идно недефинирано“ време
Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ
Поминаа сто дена откако амбасадорката на САД, Анџела Агелер ја најави последната „офанзива“ во борбата со криминалот и корупцијата во државата.
По и заедно со неа, се случи канонада од изјави на македонските властодршци од сите делови на власта за „бескомпромисност“ и „доследност“ во таа борба.
Но, за жал на граѓаните, дали од нивната „лоша перцепција“ или, пак, од суровата реалност, до ден денес, од таа бескомпромисност и решеност не остана ништо. Само празни и лажни ветувања!
Таквиот однос на политичарите, како на оние кои се на власт, така и на оние кои се во опозиција, само ја нагласи потребата граѓаните да ја отфрлат лажната надеж и неоснованите очекувања дека кој било од политичките партии и политичкиот естаблишмент воопшто има желба и волја да се бори со криминалот и корупцијата во државата.
МОРАЛНА И ПРОФЕСИОНАЛНА МИЗЕРИЈА
Сосема е јасно дека криминалот и корупцијата им одговараат на сите во сферата на политиката и власта. Тие се нивниот основен мотив за политички ангажман. Да е поинаку, која било од политичките партии застапени во Собранието одамна на дневен ред би го поставиле ова прашање.
Затоа прашање на време и начин е кога таквите основни морални и политички фрустрации на граѓаните ќе ја добијат својата форма на изблик на бес со сите нивни негативни последици врз политичките состојби во државата.
Поради тоа и главното обележје на политичката перцепција на граѓаните, во пресрет на претстојните избори, независно дали тие ќе бидат редовни или предвремени, ќе биде подготвеноста на политичките партии и државните великодостојници да се фатат во костец со криминалот и корупцијата во институциите на системот.
Борбата со криминалот и корупцијата, го сакале тоа или не, ќе биде основниот услов за сите други реформи во државата.
Сега засега, извесно е дека ДУИ, СДСМ и ДПМНЕ се сложни во стремежот да направат сѐ што е во нивна моќ ова прашање да се забошоти и да се одложи за некое „идно недефинирано“ време.
Во таа нивна јасна политичка определеност, особено значајна е улогата на актуелниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески, кој според уставните и законските одредби би требало да биде ударната тупаница на правната држава во борбата против криминалот и корупцијата.
ИГНОРИРАЊЕ ИЛИ КУКАВИЧЛАК?
Залудни се очекувањата на граѓаните и „остатокот“ од државата зошто токму тие кои со Уставот и законите се повикани и одговорни да се борат против криминалот и корупцијата се нејзините први чувари и заштитници.
Како поинаку да се протолкува фактот што никој, ама баш никој, од судиите и обвинителите не е повикан на кривична одговорност за нивниот криминал и корупција?!
Тоа го поставува прашањето на одговорност на Јовески како државен јавен обвинител за состојбите во самото обвинителство, за занемарување на должноста и непрофесионалноста во нејзиното извршување.
Доказ за тоа е фактот што во фиоките на Јовески фаќаат прашина неколку кривични пријави за високоорганизиран криминал и корупција, во кои се вмешани судии и обвинители.
Состојбата е уште подраматична кога се знае дека меѓу тие кривични пријави во кои се содржат сосема прецизни, јасни и несоборливи докази за криминал и корупција се наоѓаат и пријави од Републичкиот судски совет.
Тој факт автоматски го поставува Јовески во објективен заштитник и чувар на криминалот и корупцијата во државата, а ги прави смешни и недоветни изјавите на потпретседателката на владата, Славица Грковска, за „крај“ на неказнивоста и селективната правда.
Да се биде глув и да се игнорира јавното мислење, кое има крајно негативно мислење за улогата на јавното обвинителство и судиите во борбата за „правна“ држава е напросто кукавичлак, кој до крај го уништува моралниот и професионалниот кредибилитет на третата „независна“ власт, но и нивната лојалност кон граѓаните, системот и државата.