Почина 102-годишен маж, кој минатата година беше осуден за повеќе од 3.500 случаи на вмешаност во убиства додека бил чувар во нацистички концентрационен логор во Втората светска војна, јави германската новинска агенција ДПА.
Јозеф С, како што е идентификуван од локалните медиуми во согласност со германските прописи за приватност, беше осуден на 5 години затвор во јуни минатата година, но остана на слобода во очекување на одлуката по жалбата, објави АП доцна синоќа.
Тој негираше дека работел како чувар на СС во логорот Заксенхаузен, но судот во Нојрупин заклучил дека документите со неговото име, датум и место на раѓање покажуваат дека тој бил член на паравоеното крило на нацистичката партија стационирано во кампот во предградијата на Берлин од 1942 до 1945 година.
Десетици илјади затвореници, меѓу кои и Евреи, политички затвореници и заробени советски војници, умреле во тој логор од глад, болести, принудна работа, меѓу другото и поради медицински експерименти и систематски егзекуции.
Изрекувајќи ја судската пресуда, претседавачкиот судија Удо Лехтерман рече дека обвинетиот го помагал убиствениот систем воспоставен од нацистите.
Врз основа на правен преседан од 2015 година, секој кој помагал во функционирањето на нацистички логор може да биде кривично гонет во Германија како соучесник во извршените убиства.
„Доброволно го поддржавте масовното истребување со вашата активност. Гледавте како депортираните луѓе беа сурово мачени и убивани секој ден три години“, рече тогаш судијата Лехтерман.