Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев денеска истакна дека полицијата е подготвена за спроведување мирни, фер, демократски избори. Тој посочи дека самиот процес на гласање ќе биде безбеден и ги повика граѓаните да излезат и да го дадат својот глас за опцијата што сметаат дека треба да победи.
– Овие избори се специфични бидејќи се одвиваат во услови на пандемија, но и гласањето ќе трае три дена. Министерството ќе треба да го обезбедува гласачкиот материјал три дена, самото гласање ќе биде продолжено така што обврските на МВР и товарот врз службениците се значително поголеми. Во поглед на заштитна опрема се е обезбедено, материјално-технички средства имаме, но мора да се напомене дека со оглед што изборите се во летен период, тоа ќе биде значаен товар врз полициските службеници, но подготвени сме за изборите, рече Чулев.