Министерот за внатрешни работи во техничката влада, Наќе Чулев, денеска ја посети полициската станица во Шутооризари, каде истакнал дека главен фокус во работењето на МВР во овој период е обезбедување услови за организирање на фер, демократски и мирни избори.
-Бев запознаен со актуелната безбедносна состојба во општината и последните статистички податоци поврзани со криминалитетот на локално ниво. Пред колегите потенцирав дека полицијата е служба на граѓаните, полициските службеници мора да работат во интерес на граѓаните и имаат обврска да го гарантираат мирот и безбедноста на државата – информираше Чулев.
Тој преку неговиот фејсбук-профил истакна дека граѓаните во оваа општина биле уплашени, но додава дека им укажал оти поминало времето, како што вели, на шерифи и недопирливи функционери.
-Како министер, согласно моите надлежности, цврсто се залагам правото и правната држава да функционираат за сите, без разлика дали е обичен граѓанин или највисок функционер. Моја обврска како министер е да работам транспарентно – порача Чулев.