Штипјанец поседувал патни исправи и лични карти од повеќе лица од ромска националност, кои биле држени како залог за настанат долг во неговата прехранбена продавница, а тој долг наводно ќе им бил подмирен доколку тие гласаат на изборите за СДСМ, објави на фејсбук министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев.
Тој вели дека при претрес кај лицето Д.А. од Штип во прехранбената продавница биле пронајдени четири тетратки во А4 формат во кои имало список со имиња, 69 биометриски лични карти, 18 биометриски патни исправи, 18 стари патни исправи, 6 стари лични карти, 1 дозвола за престој и 1 здравствена легитимација, за кои постои основано сомневање дека се предмет на Кривично дело „Поткуп при избори и гласање“ од чл.162 од Кривичниот законик.
„Од страна на Отсекот за економски криминал при Секторот за внатрешни работи Штип во текот на вчерашниот ден беа преземени мерки и активности за расчистување на кривично дело ‘Поткуп при избори и гласање’ при што до основното јавно обвинителство е доставено известување и побарани се насоки за преземање на дополнителни мерки и дејствија заради целосно документирање и докажување на кривично-правниот настан“, вели Чулев.
Пронајдените предмети со потврда за привремено одземени предмети се одземени од лицето Д.А., а во просториите на СВР Штип со конкретното лице извршен е разговор во однос на околностите поврзани со пронајдените предмети.
„СВР Штип од Судија на претходна постапка од Основен суд Штип побарана и добиена е наредба за претрес на дом и други простории кај конкретното лице со цел обезбедување на материјални докази и целосно документирање на настанот. Министерството за внатрешни работи и понатаму ќе ги презема сите мерки и активности за спречување на изборен поткуп и влијание врз гласачите. Апелирам до граѓаните да ја пријават секоја активности со која се крши или попречува нивното избирачко право“, напиша Чулев.