Техничкиот министер Наќе Чулев, синоќа во емисијата „200“ на ТВ Алсат рече дека пратката со кокаин од еден килограм која беше во камион со банани, требало да биде следен со дрон, но не било возможно затоа што била укината единицата за беспилотни летала и тие биле приземјени.
-Претходниот министер на две недели пред да ја напушти функцијата направи систематизација во која не предвидел дека треба да има единица за беспилотни летала. Со тоа, од македонско-албанската граница, наместо со дронови, камионот го следевме со физичко присуство, рече Чулев.
Трите дронови на полицијата се приземјени во полициски хангар на аеродромот Петровец. Со последната систематизација во МВР направена од екс министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, направена на 18 декември 2019 година, не е предвидена единица за беспилотни летала и нив повеќе нема кој да ги управува.
-Во моментот одделот за внатрешна контрола го истражува овој случај и планирам да поднесам барање за покренување на кривична одговорност за поранешниот министер Оливер Спасовски со оглед дека се склучува договор за одржување и поддршка на техничка опрема која тој не ја предвидува во систематизацијата…, рече Чулев.
Државата за одржување на овие летала, според договорот плаќа близу два милиони долари. Дроновите се од типот Хермес 450, набавени од Израел и во државава се од 2011 година. Ги користеше поранешната УБК. Со новата систематизација сите припадници на единицата за управување со овие летала, кои се скапо обучувани, се распоредени на други задачи.