Чулев: Инцидентот во Ченто е предизвикан од политички побуди

by fokus

Синоќешниот инцидент што се случи во Ченто, министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, го оцени како политички мотивиран.

-Во изминатиот период граѓаните соработуваа со полицијата, ја поддржуваа и помагаа. Тука би сакал да истакнам дека таа соработка е многу важна и даде значителен приденос во работата на полицијата. Но, вчерашниот настан говори за однесување спротивно од претходно кажаното. Политичката позадина не го оправдува ова однесување. Тој настан е предизвикан и од политички побуди, изјави денеска Чулев.

Тој истакна дека околу 21.10 часот на социјалните мрежи се појави слика дека има група луѓе на улицата „Алија Авдовиќ“, по што полициска патрола извршила контрола.

-Утврдено е дека имало осум лица кои откако ја забележале полициската патрола, петмина од нив избегале, а тројца останале. Еден од приведените се претставил како советник на СДСМ од Советот на Гази Баба и со тоа сакал да изврши притисок врз полицајците.

По службениот разговор со тројцата во полициската станица Гази Баба направена е кривична пријава. Околу 22 часот на истата локација, односно на улицата „Алија Авдовиќ“ имало група луѓе кои се собрале по објавена лажна информација дека врз приведените била употребена сила во полициска станица. Тоа е лага, рече Чулев.

Тој додаде дека МВР постапува неселективно, коментирајќи го видеото на кое се гледа дека градоначалникот на Гази Баба ветува дека тој ќе ги ослободи приведените.

-Потенцирам дека МВР постапува неселективно кон сите граѓани. Пријавите се поднесени до ОЈО, а лицата кои беа приведени уште синоќа беа ослободени. МВР обезбеди видео запис од сите лица кои не го почитувале законот, а дел од тие лица се веќе идентификувани од наша страна – изјави Чулев.

Поврзани новости